Кога се ближат славите, но и други прослави како родендени или слично, секогаш трпезата ја исполнуваме со разновидни ролати кои целата маса ја прават да изгледа фантастично. Според моето искуство, солените ролати најмногу се јадат на овие свечености, а се прават многу брзо и едноставно.
Интересно е тоа што може да ги филувате според ваш вкус, нема конкретен оригинален рецепт. Секој си става што сака. По рецептот на Валентина Машковиќ, во продолжение може да прочитате како од една смеса да направите 3 различни ролати и една солена торта.
Потребните состојки и подготовката на ролатите ќе ги прикажуваме постапно. Штом видите како се подготвува првиот ролат, веднаш ќе знаете да го подготвите и вториот, па и третиот.. Во продолжение може да ја прочитате и основната смеса за филување.
За црвениот бисквит ќе ви бидат потребни следниве состојки: 6 јајца, 1/2 лажичка сол, 3-4 лажици ајвар, 1/3 лажичка прашок за печиво и 7 лажици брашно. Постапка: Во подготовката на овој бисквит не се става масло бидејќи веќе има во ајварот.
Одвојте ги белките од жолчките. Белките изматете ги пенасто со додавање на половина лажичка сол. Во нив додавајте една по една жолчка додека постојано матите со миксерот. Потоа додајте го ајварот, прашокот за печиво и соединете ги состојките со миксер.
На крајот се додава брашното и добро се вмешува во смесата за да нема грутки со шпатула. Смесата се излева во плех обложен со хартија за печење со димензии 45х35 см и се става да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, 7-8 минути.
За жолтиот бисквит: 6 јајца, 1/2 лажичка сол, 3 лажици масло, 6 лажици брашно и 1/3 лажичка прашок за печиво. Постапка: Белките повторно се одвојуваат и се матат со солта, па се додаваат жолчките. Се додава маслото, прашокот за печиво и се се мати со миксер. На крајот се додава брашното и се меша во смесата со шпатула, исто како претходниот рецепт. Печете на истата температура.
За зелениот бисквит: 6 јајца, 1/2 лажичка сол, 150 г ситно исечкан спанаќ и помешан со 4 лажици масло и 20 мл вода, 1/3 лажичка прашок за печиво и 7 лажици брашно. Постапка: Се подготвува исто како и претходните 2 ролати, додавајќи ги состојките по ред како што е напишано и со одвојување на белките и жолчките.
При печењето на корите, внимавајте да не ги изгорите бидејќи релативно брзо се печат и се многу тенки.
Потребни состојки за основната смеса за филување: 500 г фета сирење, 700 г кисела павлака, 400 г дробено сирење, 100 г мајонез. Постапка: Во вангла ставете го фета сирењето, киселата павлака, дробеното сирење и мајонезот. Изматете ги сите состојки со миксер.
Останати состојки за филување: шунка, кисели краставички, печеница, ајвар, кашкавал, варени јајца.. Овие состојки ги додавате по ваш вкус. Киселите краставички се сечкаат ситно и добро се цедат од течноста и ролатите ги филувате по вкус.
Откога ролатите ќе се изладат ги филувате и ги виткате со се хартијата за печење, па ги ставате во фрижидер да се стврднат. Од оваа смеса излегуваат многу ролати. За солената торта, подготвувате 2 кори како за жолтиот бисквит.
Корите ги делите на 2 еднакви делови за да добиете 4 помали. Ставате прва кора, ја премачкувате со основната смеса, додавате сувомеснато, потоа втората кора, премачкувате со ајвар и така се додека да ги потрошите корите.
На крајот целата торта ја премачкувате со основната смеса и одозгора по желба си редите кашкавал, кисели краставички.. Како Валентина ги филува нејзините ролати погледнете во видеото ОВДЕ.