КИФЛИ КАКО ОД ПЕКАРНИЦА – двојно поголеми и повкусни, рецепт кој вреди да се проба. Рецепт на Александра од Мојата Мала Кујна. „Овие кифли имаат вкус како пекарските. Не знам како ги подготвуваат во пекарница, но овие се уште повкусни“, вели Александра.




Потребни состојки: 750 г меко пченично брашно (тип 450, 480 или 500), 525 мл топло млеко, 10 г сув квасец (1,5 кесичка) или 30 г свеж квасец (2/3 коцки), 1,5 лажици шеќер (15 г), 1 лажичка сол (8-10 г), масло за премачкување.




Постапка: Брашното ставете го во подлабок сад каде што ќе го замесите тестото и додајте ги останатите суви состојки: сол, шеќер и квасец. Малку размешајте и додајте го млекото. Започнете да го земесувате тестото, кое многу брзо и лесно ќе се формира.




Поклопете го садот со замесено тесто со некоја памучна крпа и оставете го да отстои на собна температура околу 15-тина минути. После потребно е да го премесите тестото за глутенот да се развие и тестото поубаво да стаса.




Месете го 3-5 минути на рамна површина. Што подолго го месите, толку помеко ќе излезе. Потоа вратете го тестото во садот во кој го замесивте и оставете да стаса 30-45 минути. Потоа извадете го тестото од садот и поделете го на 2 еднакви делови.




Секој дел поделете го на 7 помали делови, значи вкупно да добиете 14 помали теста. Кај мене секое топче тежеше околу 90 г. Формирајте топчиња и оставете ги да одморат на рамна површина околу 15 минути, покриени со проѕирна фолија и одозгора покриени со памучна крпа.




Потоа секое топче развлекувајте го на видеото и преклопувате слоеви како што е прикажано. Кога сите кифлички ќе ги формирате ставете ги на плех, обложен со хартија за печење да стасаат околу 30 минути. Исто така премачкајте ги и со малку масло.




Кифличките печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 15-20 минути во зависност од рерната. Кога ќе се испечат кифличките, повторно премачкајте ги со масло и оставете да се оладат.




СВЕЖ И СУВ КВАСЕЦ. Правило кое стои на пакувањето (кесичката) е: на 500 г брашно користете 7 г сув квасец или 20 г свеж квасец. Што подолго го оставите тестото да стаса, потребно ви е помалку квасец. Ако лебот/кифличките ги печете 1 час од замесување на тестото, тогаш ви е потребна погоре прикажаната количина на квасец, односно според упатството.




Доколку тестото го оставите на собна температура да отстои неколку часа или преку ноќ во фрижидер, тогаш ви е потребно 2 г сув квасец и околу 5 г свеж квасец. Ако користите сув квасец може директно да го ставите во брашното и не треба да го натопувате во млако млеко или вода, а од свежиот квасец најдобро е да направите квас.




Доколку кифличките сакате да ги имате за појадок, тестото направете го од вечерта, обликувајте ги кифличките, премачкајте ги со масло, покријте ги со пластична фолија и ставете ги во фрижидер. Наутро, извадете ги од фрижидер, оставете малку да стасаат и печете ги на истата температура.

Доколку кифличките ги премачкувате со путер наместо со масло, тогаш тоа направете го откога ќе ги извадите од фрижидер бидејќи путерот ќе се стврдне и ќе го деформира обликот на кифличките. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.