РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: Потребни состојки за тесто: 300 г брашно, 500 мл вода, 1 прстофат сол, 1 путер/маргарин (250 г), 5 јајца. За шербет: 1 литар вода, 1 лимон и 700 г шеќер
Постапка за приготвување на тестото: сварете ја водата и во неа ставете малку сол и путерот. Потоа додадете го брашното и мешајте додека да се создаде топка од тесто. Тргнете од оган и оставете малку да излади. Во изладеното тесто додавајте едно по едно јајце и добро измесете пред додавање на следното јајце.
Добиеното тесто ставете го во шприц со ѕвездест продолжеток и правете мали тулумбички. Сечете ги на 4 см или пократки и печете ги во длабока маснотија. Печените тулумби вадете ги прво на хартија за да се впие вишокот маснотија а потоа ставајте ги во шербет и оставете ги добро да го впијат сирупот. Оставете ги да изладат преку ноќ.
РЕЦЕПТ 2 – Тулумби – однадвор крцкави, одвнатре меки и сочни, се топат во уста, детален рецепт со сите тајни постапки. Најомилената слатка кај нас, покрај баклавите и другите шербетни колачи, секако се тулумбите. Пробајте ги вториот рецепт за сочни тулумби:
Потребни состојки: 500 мл вода, 500 г меко брашно, 100 мл масло и 7 јајца. За шербет: 800 мл вода, 1 кг шеќер и ½ лимон (може и не мора).
Постапка: Најпрво се приготвува сирупот за да има време убаво да излади. Ставете вода и шеќер на оган, па откако ќе проврие варете 5 минути за да се добие убав леплив сируп. Тргнете од оган, додајте го лимонот (ако сакате), па оставете на страна да се лади. Кога ќе постигне собна температура ставете го во фрижидер, потребно е да биде дообро изладен.
Подготвување на тестото: Маслото и водата измешајте ги и ставете на оган да зоврие. Потоа намалете го огнот и додајте го брашното, па со мешање сварете го тестото додека да згусне и да се соединат состојките. Ќе добиете фина топка, потврдо тесто.
Оставете го на страна да се олади, па кога ќе биде млако, додавајте едно по едно јајце, вкупно 7 крупни. (Бројот на јајцата може да варира во зависност од нивната големина, некогаш 6 можеби, а некогаш 8).
Во широк сад ставете 1 литар масло и загрејте го да биде млак. Наполнете го шприцот за тулумби со смесата за тулумби, ставете ѕвездест продолжеток со широки краци и истискувајте во млакото масло.
Сечете ги тулумбите со прст или со ножици. Ако сакате поизразени ребра, тогаш користете ѕвездест продолжеток со потесни краци. Пржените тулумби кога ќе добијат златножолта боја вадете ги во претходно приготвениот и изладен сируп. Маслото за пржење тргнете го на страна и оставете го да се лади 10-15 минути.
За да нема прекини во пржењето најдобро е да имате два сада со масло за пржење), а тулумбите држете ги во сирупот 2-3 минути, па вадете ги. Тулумбите мора однадвор да бидат крцкави, а внатре меки и сочни.