Во мноштвото рецепти за палачинки, секогаш се појавуваат нови кои веднаш стануваат „омилени“ и „најдобри“. Овојпат имаме два нови рецепти, но ќе ви претставиме три, односно ќе го повториме и омилениот рецепт на читателите на НМД.мк.




РЕЦЕПТ 1: ВКУСНИ ПАЛАЧИНКИ СО МАЈОНЕЗ. Овие палачинки може да се јадат со џем, ореви, еурокрем или мед. Доколку не сакате слатко, тогаш не додавајте шеќер во тестото. Може да ги приготвите со солен фил од сирење, печурки или месо, по свој вкус.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл млака вода, 9 супени лажици брашно, 2 супени лажици мајонез, 2 јајца, 2 супени лажици шеќер, 15 г ванилин шеќер, 2 супени лажици масло, 1 прстофат сол.

ПОСТАПКА: Изматете го мајонезот, јајцата, шеќерот, солта и ванилиниот шеќер со помош на миксер или жица-маталка. Додавајте постепено топла вода додека матите, а на крај и просеано брашно. Добро изматете да нема грутчиња во смесата.




Тестото треба да има густина на јогурт. Оставете го да одмори 20-тина минути. Потоа ставете нелеплива тава да се загрева на умерена температура и само еднаш премачкјате ја со масло (со помош на салветка – само на почетокот од пржењето). Промешајте ја смесата, па со помош на кутлача рамномерно разлејте по тавата.

Палачинките печете ги по 1-2 минути од двете страни и внимавајте да не ви загорат. Топлите палачинки послужете ги со некој намаз или фил по ваш вкус.




РЕЦЕПТ 2 – РЕЦЕПТ ЗА ПАЛАЧИНКИ СО КОЈ НИ ПОЧЕТНИЦИ НЕ МОЖАТ ДА УТНАТ. Во мноштвото рецепти за палачинки не тврдам дека „мојот“ е најдобриот, но после испробувањето на разно-разни, секогаш му се враќам на овој. Овој рецепт всушност потекнува од книгата Peccati al cioccolato (Luca Montersino). Количината се однесува за 7 палачинки со дијаметар од 24 см.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл млеко, 125 г брашно, 75 г јајца (приближно 1 големо јајце), 25 г жолчка (од 1 поголемо јајце), 25 г путер, 15 г шеќер, 1 г рум (четвртина лажичка). Можете да забележите дека дури и јајцата се дадени во грамови за што попрецизни мерки, па затоа најдобро е да ги извагате пред отпочнување на подготовката.




ПОСТАПКА: Јајцата изматете ги со жица-маталка заедно со шеќерот, па додајте брашно. Откако малку ќе ги соедините постепено додавајте го млекото мешајќи за да не останат грутчиња од брашното. На крај додајте го румот (2-3 капки) и растопениот и оладен путер. Смесата оставете ја да одмора 1-2 часа.




Ако ви е полесно, можете сите состојки одеднаш да ги ставите во блендер и да ги измиксате додека да добиете хомогена смеса. Откако смесата ќе отстои еден до два часа, можете да ги пржите палачинките на вообичаен начин: во топла тава излевајте од смесата во тенок слој и печете по неколку минутки од двете страни. – Дајана Д.




РЕЦЕПТ 3 – Најубавите палачинки што постојат во светот: сè по 4. Може да се приготвуваат во посна или масна верзија, па секој според вкусот може да ги комбинира со најубавите намази… Ние го имаме најдобриот рецепт во светот, пробајте го, нема да се покаете. Воедно, тој е фаворитниот на читателите на НМД…

Потребни состојки: 4 јајца, 400 г брашно, 400 мл млеко, 400 мл газирана вода, 4 лажици масло, малку сол и 1 ванилин шеќер.

Постапка: Јајцата изматете ги со жица, па додадете половина брашно и млеко, па сето добро соединете го. Потоа додадете ја втората половина од брашното и млекото, малку сол, ванилин шеќер и масло, па соединете да нема грутчиња. На крај додадете ја газираната вода и добро промешајте да се изедначи и стане мазна.




Смесата оставете ја еден час да одмори во фрижидер. За тоа време убаво ќе се спојат состојките и подобро ќе се пече тестото, а палачинките од прва до последна ќе бидат исти по дебелина. Тавчето за палачинки намастете го со малку масло и добро загрејте го, а потоа излејте една кутлача од смесата во него.




Брзо и рамомерно разлејте на сите страни и печете неколку секунди од едната страна, па превртете и на другата страна, печете исто толку или пократко. Печените палачинки редете ги една врз друга, најгорната поклопете ја со со втората превртена на чинијата и филувајте по желба.