СТАРИНСКИ КОЛАЧИ СО СВИНСКА МАСТ ВАЛКАНИ ВО ШЕЌЕР ВО ПРАВ, цела куќа ќе ви замириса прекрасно. Рецепт на Емилија од каналот Емилина Кујна. Старински колачи со едноставно тесто, без фил, без ништо – многу се вкусни, ќе ве вратат во детството со мирис и вкус.




Нема ништо поубаво од колачите кои ни ги спремаа нашите баби. Иако сега има многу нови, модерни рецепти, секој би сакал повторно да ги вкуси овие неодоливи задоволства од детството. Бабите отсекогаш имале свои досетки за како од едно тесто да направат милион колачиња, а не да излезат само 6-7 како од новите, модернизирани рецепти.




Многу често тие ги подготвуваа колачите со свинска маст, а овој рецепт е еден од тие. Покрај тоа, овие колачиња може да ги правите во секакви форми кои може да ги вадите со модли или да ги декорирате едноставно со чаша, како што е прикажано во текстот подолу..




Потребни состојки: 250 г свинска маст, 250 г шеќер, 1 јајце, 2 жолчки, 2 шолји млеко или 180 мл, 6 г прашок за печиво, 850 г брашно, шеќер во прав по потреба. Се прави тесто од состојките, а потоа се печат и се валкаат во прав шеќер.




Постапка: Во подлабок сад додајте ја свинската маст и изматете ја со миксер како шлаг. Додајте го шеќерот и продолжете со матење. Се додава јајцето, двете жолчки и се продолжува да се мати со миксерот.




Кога смесата ќе се згусне, додајте го млекото, и измешајте ги прашокот за печиво со брашното, па започнете постепено да ги додавате во смесата-тестото. Кога смесата ќе почне да се формира во тесто, преминете на месење со раце.




Формирајте меко и нелепливо тесто со додавање на брашно по потреба. Потоа тестото размесете го на набрашнета површина и пресечете 1/3 од него. Овој дел малку премесете го и развијте го во тенок валјак.

Рецепт и фотографии на НМД.мк




Од валјакот се сечат мали коцки парчиња и секое тестенце се формира во круг со дебелина од половина цм. Круговите се декорираат така што со помош на чаша, ќе правите по три линии на тестото како полукругови, како што е прикажано на сликата.




Колачињата се редат на обложен плех со хартија и се формираат на истиот начин додека да го потрошите целото тесто. Доколку ви излегле премногу колачиња, тестото може да го завиткате во проѕирна фолија и да го замрзнете за некој нареден пат.




Колачињата се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, 12 минути – не повеќе затоа што ќе станат многу тврди и ќе изгорат. Потоа ги вадите од рерна, оставате малку да се изладат и ги валкате во сад со шеќер во прав. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.