СНИКЕРС КОЦКИ со урми и кикирики, без шеќер, за 10 минути се готови. Рецепт од каналот Вкусна Минута. Повкусни од сникерс, чоколадни коцки со урми и кикирики, веднаш се јадат. Покрај тоа, се здрави, не содржат шеќер и одлично одговараат со кафе или чај.




Дечињата најмногу ги сакаат, а наместо да ги купуваме Сникерс чоколадата, овие чоколадни коцки ни се секојдневно на мени. Лесно се подготвуваат, од само неколку состојки. Во продолжение прочитајте го рецептот:




Потребни состојки: 200 г урми без семка, 2-3 супени лажици путер од кикирики, прстофат сол, 100 г овесни снегулки (јас користев мелени), 60-80 г печени кикирики, може да користите и солени. И уште 120 г темно чоколадо за готвење, 1-2 лажички масло и вода по потреба.




Постапка: Земете ги урмите и една по една пресекувајте ги на половина и вадете ја семката од нив. Потоа ставете ги во сад и прелијте ги со вода. Оставете ги да отстојат 2-4 минути, па исцедете ја водата и префрлете ги во блендер, со додавање на 2-3 супени лажици путер од кикирики и прстофат сол.




Смесата се блендира додека да се соединат сите состојки, а конзистентноста треба да биде многу тенка. Дел од смесата (помалку од половина) се трга настрана, а 3/4 остануваат во блендерот. Во блендерот се додаваат 100 г овесни снегулки.




Добро би било ако најдете мелени овесни снегулки, за смесата што повеќе да се соедини, а доколку не најдете можете и дома да ги сомелете. Повторно се блендира сè додека смесата изгледа на влажен песок, треба да биде многу мека.




Потоа смесата се става на работна површина обложена со хартија за печење, а одозгора се става уште една хартија и малку се сплескува со помош на раце. Со помош на оклагија, смесата се развлекува во форма на правоаголник.




По развлекувањето, се трга горната хартија и со голем н ож или некоја друга рамна алатка се измазнуваат краевите. Одозгора се премачкува со смесата од путер од кикирики и урми која претходно ја тргнавте настрана.




Смесата добро се распоредува и убаво се измазнува, и потоа одозгора се редат печените кикирики. Можете да користите несолени-печени, или по ваш вкус, и наредете ги одозгора. Колачот се става во фрижидер да отстои 30 – 40 минути пред да се продолжи со постапката.




Во меѓувреме, се топи темното чоколадо за готвење заедно со маслото на пареа, а по стврднувањето на колачот се сечат правоаголници, мене ми излегоа по 4 долги правоаголници. Секој правоаголник се превртува со кикириките одоздола и долната страна се премачкува со растопеното чоколадо.




Повторно колачињата се ставаат во фрижидер малку да се стврдне чоколадото, а потоа повторно се вадат и се вртат со кикириките одозгора, па се премачкуваат цели со топеното чоколадо.

За последен пат, се враќаат во фрижидер колку да се стврдне чоколадото, а потоа се сечат на коцки, од секој правоаголник излегуваат 1-2 коцки, па се послужуваат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.