ПОЛНЕТИ ЛЕПИЊИ ЗА СКАРА, СЕНДВИЧ ИЛИ МЕЗЕ: Многу се меки како душичка. Во продолжение може да прочитате два рецепти за лепињи, од кои вториот рецепт се филувани, полнети лепињи кои се подготвуваат од само неколку основни состојки.




Потребни состојки: 9 шолји брашно (шолја од 250 мл), 3 мали лажички сув квасец, 1 мала лажичка прашок за печиво, 3 мали лажички сол, 3 лажици шеќер, 100 мл масло, 5 шолји топла вода.




Постапка: Ставете ги сите суви состојки во сад и соединете ги. Потоа полека додавајте вода и масло мешајќи со миксер на мала брзина. Кога се ќе соединете, месете го тестото околу 5 минути додека да стане мазно и еластично. Премачкајте го тестото со масло, покријте го садот со пластична фолија и оставете го да нарасне околу 30 минути.




Кога ќе нарасне тестото, уште малку премесете го и оставете го да нарасне уште 15 минути, па повторно замесете го и повторете ја постапката така што тестото треба да нарасне 3 пати бидејќи колку повеќе пати ќе нарасне, толку повеќе ќе биде воздушесто.




Потоа развлечете го тестото на добро набрашнета површина (многу е важно да има многу брашно), замесете и откинете топчиња со големина на јаболко и ставете ги на набрашнета површина. Околу 24 топчиња излегуваат од оваа количина.




Вклучете ја рерната на највисока температура за да се загрее. Раширете го секое топче во форма на круг со рацете и исечете го секое по должина и попречно на 2-3 места и оставете ги да нараснат додека рерната да се загрее.




Обично печам по 6 лепињи. Печете ги лепчињата 7-8 минути или додека убаво да заруменат, во зависност од рерната. Ставете ги лепињите во корпа да се изладат, па послужете со скара, сендвич или мезе.




II РЕЦЕПТ. ПОЛНЕТИ ЛЕПИЊИ од неколку состојки, готови се за 15 минути. Потребни состојки за тесто: 500 – 600 г бело брашно тип 500, 1 прашак за печиво, 1 цврст јогурт, 1 мала лажичка сол, млако млеко по потреба.




За фил: 150 г кашкавал (ајдамер), 100 г шунка, малку кечап, оригано и сончогледово масло за пржење. Постапка: Од сите горенаведени состојки замесете тесто. Оставете го да одмори неколку минути додека го подготвувате филот. Користете кашкавал или сирење, па исечкајте ги заедно со шунката на мали парчиња, па додајте го кечапот и ориганото.




Развлечете половина од тестото на набрашнета површина и поделете го на шест или осум еднакви коцки, сето тоа зависи од тоа колкаква големина сакате да ги правите. Ставете од филот на секое тесто и добро затворете ги рабовите со прстите.




Загрејте го маслото за пржење, потоа испржете ги лепчињата на тивок оган околу 8-10 минути. Додека лепињата се пржат, развлечете ја другата половина од тестото и повторете ја постапката. Пржените лепињи ставете ги во сад со хартија за да го впијат вишокот маснотии. Лепињите може да се сервираат како топло предјадење или за вечера. / Coolinarka.com