ДОМАШНИ ЊОКИ ВО БЕШАМЕЛ СОС: без чекање тестото да стаса, се прават од 4 состојки. Многу вкусни домашни њоки за кои не чекате тестото да стаса. Почнувам да ги подготвувам 1 час пред ручекот, а за многу брзо се наоѓаат на трпеза.
Потребни состојки: 3 средни до големи компири, 500 г сенаменско брашно (чаша од 200 мл), половина чаша полномасно млеко, 1 големо јајце, сол, црн пипер по вкус. Иако изгледа мала количината на состојките, треба да знаете дека њоките веднаш заситуваат, а покрај тоа доста е калоричен и сосот кој го подготвувате со нив.
Ние најчесто веднаш ги јадеме, а оваа количина најадува тројца. Сепак колку њоки и да направите, тестото може да го замрзнете, а така може да стои со месеци и во секое време да ги подготвите. Најубави се со бешамел сос и малку кашкавал, но по желба може да креирате свои домашни сосови, доматен, песто..
Постапка: Компирите добро измијте ги под млаз вода и оставете ги да отстојат некое време во неа. Потоа, излупете ги и исечете ги деловите што се оште-тени, доколку има некој црн дел или дупка на нив.
Исечете ги компирите на коцки како да правите пире и ставете ги во тенџере со вода, посолете и оставете ги на рингла да се сварат околу 20 минути до половина час. Потоа процедете ја водата и испасирајте ги компирите со виљушка или специјална алатка за пире.
Потоа во пирето додајте половина чаша млеко, отприлика околу 100 мл, промешајте па додајте 1 јајце. Доколку јајцето е мало, може да додадете и второ. Измешајте ја смесата и постепено започнете да го додавате брашното со постојано мешање на смесата.
Потребно е да формирате меко и нелепливо тесто под прсти, така што ќе почувствувате вие при самото месење кога е доволно брашно. Тестото се меси се додека да се формира, а потоа се започнува со развлекување и сечење на формите.
Тестото се развлекува како долг тенок валјак, па потоа се сечат коцкички на секој 1-2 цм. Најдобро е при месење на тестото да го поделите на два или повеќе делови за да може полесно да го формирате валјакот.
Њоките се спремни, а потребно е само да ги сварите. Варењето ќе ви одземе најмногу 5 минути, плус да го направите бешамел сосот или некој друг по ваш избор. Во зовриена посолена вода, се ставаат њоките и се варат 3 – 5 минути.
Потоа се процедува водата од нив, а за подготвување на бешамел сосот ќе ви бидат потребни: 1 лажица брашно и околу 100 – 150 мл млеко. Брашното се пропржува на малку масло или растопен путер, па постепено се додава млекото со постојано мешање додека да згусне.
Откога сосот ќе се направи ќе има слична конзистентност како пудинг. Тогаш се додава кашкавалот и се меша додека да се растопи. Њоките се ставаат директно во сосот, се мешаат со него, а одозгора се наросува со магдонос по желба.