Едноставно и брзо се приготвува, а ќе видите дека вашите домашни веднаш ќе го изедат и ќе побараат повторно да им правите. Кох е старински колач кој се приготвува од гриз и се прелева со врело зашеќерено млеко. Но, зошто да не пробате овој колач да го подигнете на едно повисоко ниво и да приготвите двобоен кох со фантастичен вкус.




Обично овој колач се послужува добро изладен, па затоа е идеален за летно време. Но, толку е сочен и вкусен, што може да се јаде во било кој период од годината. Верувајте ми, нема да се покаете – Јелена Петровиќ од Бабината кујна.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 3 лажици шеќер, 3 лажици гриз, 1 лажица брашно, 1 лажица какао во прав, малку рендана кора од лимон, 300 мл млеко, 1 ванилин шеќер и шеќер по желба за млекото. Јелена секогаш приготвува мали количини (за бабата и дедото), па доколку сакате, можете да ги удвоите состојките.




ПОСТАПКА: во различни садови поделете ги белките од жолчките. Белките пенасто изматете ги, па започнете постепено да го додавате шеќерот. Во мојот случај јас ставив три супени лажици шеќер, а вие можете помалку или повеќе. Треба да добиете цврст снег од белки кој не паѓа од лажицата.




Жолчките само едноставно изматете ги со лажица или шпатула. Во цврстиот снег од белки додајте три супени лажици гриз и една супена лажица брашно (просејте ги низ сито пред да ги додадете). Ситно изрендајте кора од еден лимон, па додајте ја во смесата.




На крај додајте ги разматените (течни) жолчки. Промешајте со шпатулата, но внимавајте смесата да остане воздушеста и пенлива. Ова најдобро се постигнува со превртување на шпатулата од долу кон нагоре.




Од смесата одвојте една третина во посебен сад, па додајте какао и промешајте за да се изедначи и да добие чоколадна боја. Земете еден помал калап за куглоф и намастете го, а потоа и наросете го со брашно (вишокот истресете го).




Калапот едноставно можете и да го обложите со хартија за печење. Потоа започнете наизменично да редите бела и кафеава смеса: една лажица бела, па една лажица од чоколадната смеса. Вака продолжете додека да се потрошат двете смеси.




На крај одозгора израмнете и протресете го куглофот за да излезат евентуалните воздушни меурчиња. Загрејте ја рерната на 200 степени, па ставете го куглофот да се пече околу 20-30 минути. Проверете со чепкалка.




Печениот куглоф извадете го од рерна, оставете малку да се олади, извадете го од хартијата и вратете го во калапот за куглоф.  Во мешувреме направете го преливот: ставете да зоврие 300 мл млеко со 1 ванилин шеќер и шеќер по ваш вкус.




Кога ќе зоврие млекото и ќе се растопи шеќерот, прелијте го колачот. Оставете го најпрво да се олади на собна температура, а потоа ставете го во фрижидер. Сечете го и послужете го добро изладен. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.