„Ова е еден од најубавите сочни и посни колачи, сигурно не сте јаделе подобар од овој“, вели Јелена Петровиќ од Бабината кујна. После првиот рецепт за посен колач, можете да ја прочитате и непосната верзија, па во зависност од потребите одберете кој најмногу ви одговара.
ПОСЕН КОЛАЧ. Потребни состојки: 450-500 г брашно, 500 г рендани јаболка, 100 г мелени ореви, 1 кесичка ванилин шеќер, 1 мала лажичка прашок за печиво, 1 мала лажичка сода бикарбона, 100 г шеќер, 50 мл масло. За сируп: 200 г шеќер, 200 мл вода, 1 ванилин шеќер, сок од еден портокал
Постапка: јаболката измијте ги, излупете ги, па изрендајте ги на крупно ренде. Додајте ванила, цимет, мелени ореви, масло и шеќер. Добро промешајте и изедначете. Во брашното додајте прашок за печиво и сода бикарбона, промешајте и додајте во јаболката.
Убаво промешајте за да се изедначат состојките и да нема грутчиња, па кога смесата ќе стане компактна, излејте ја во калап бр.26 кој претходно сте го намастиле и сте го наросиле со малку брашно.
Откако ќе го излеете тестото, протресете го и израмнете го, па ставете да се поече во претходно загреана рерна на 190 степени околу 40 минути. На половина од печењето можете да го прекриете колачот со алу-фолија ако пребрзо потемнува.
Печениот колач извадете го од рерна, оставете го да се олади, па дури потоа исечете го на коцки и прелијте го со топол сируп. За сируп: во едно тенџере ставете шеќер, вода, ванила и сок од еден портокал, па ставете на рингла.
Откако ќе зоврие, намалете на умерена температура и варете го сирупот 6-7 минути. Ладниот и исечен колач прелијте го со топлиот сируп. Оставете да го впие и да се олади. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
РЕЦЕПТ 2. Потребни состојки: 3 јајца, 100 г шеќер, 1 шолја млеко (шолја од 100 г), 1 шолја гриз, 1 шолја масло, 100 г мелени кекси, 100 г мелени ореви, 1 лажица какао, 1 кесичка прашок за печиво, рендана кора од еден портокал, 1 кесичка ванилин шеќер. За сируп: 200 г шеќер, 200 мл вода и сок од 1 портокал
Постапка: во подлабок сад изматете ги пенасто јајцата со постепено додавање на шеќерот. Матете додека тој да се растопи и да згусне смесата. Најдобро е прво да ги изматите белките во цврст снег заедно со шеќерот, а потоа една по една да ги додадете и жолчките (но, можете и сите одеднаш).
На овој начин ќе добиете повоздушеста смеса и тестото ќе биде многу поубаво. Потоа додајте го млекото, гризот, маслото, мелените бисквити, мелените ореви и какаото во прав. Потоа додајте просеан прашок за печиво, рендана кора од портокал и ванилин шеќер. Мешајте со лажица или шпатула.
Добро измешајте додека смесата да стане компактна а состојките да се изедначат. Добиеното тесто разлејте го врз намастен плех. Одозгора можете да наросите ситно сечкани ореви, по желба. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 35 минути.
За тоа време направете го сирупот. Во едно тенџере ставете шеќер и прелијте со вода. Ставете да се вари околу 5 минути и додајте го сокот од портокал. Врелиот испечен колач исечете го на коцки, па прелијте го со сирупот. оставете да се олади и да го впие. А потоа сладете се.