Ако досега не сте ја пробале оваа баклава, срдечно ви ја препорачуваме да ја пробате. Има неверојатно неодолив вкус. Се приготвува со готови кори, но се комбинира и со еден преубав прелив. Рецепт на Слаѓана Јовановиќ.




Потребни состојки: 500-600 г готови кори, 1 кисело млеко (200 мл), 4-5 јајца, 250 г шеќер, 1 чаша (200 мл) масло, 1 кесичка прашок за печиво, 2 ванилин шеќер, 350 г мелени ореви. За сируп: 4 чаши шеќер и 4 чаши вода




Постапка: најпрво пригответе го сирупот, бидејќи треба да биде ладен кога ќе се прелие топлата баклава. Ставете ги во едно тенџере и откако ќе зоврие варете го сирупот уште 10-15 минути на умерена температура.




Кој сака по желба во сирупот може да додаде ванила и 2-3 тркалца лимон. За баклавата потребно ви е едно пакување готови кори од 500-600 грама. Отворете ги корите и поделете ги на половина.




За фил: во подлабок сад изматете ги јајцата (4 поголеми или 5 помали), па додајте една чаша кисело млеко, ванилин шеќер и 250 г шеќер (во некои рецепти за оваа баклава, не се става шеќер во филот).




Изматете добро за да се раствори шеќерот, па додајте го маслото и на крај прашокот за печиво. Матете уште малку додека да се изедначат сите состојки и да добиете компактна смеса.




Подгответе го плехот во кој ќе ја печете баклавата, па намастете го со масло. Ставете ја првата кора, па премачкјате ја со 3-4 лажици од приготвената смеса. На овој начин продолжете додека да ја потрошите првата половина од корите.




Откако ќе ги наредите сите кори од првата половина, одозгора врз последната кора рамнимерно распоредете 350 г мелени ореви. Треба да биде рамномерно насекаде ист слој.




Потоа продолжете со редењето на втората половина од корите, на ист начин како што ја наредивте и првата половина. Тоа значи, после секоја кора да премачкувате со филот од јајца и кисело млеко.




Откако ќе ја премачкате и последната кора, исечете ја баклавата и ставете ја да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 40 минути. Печењето на баклавата секој треба да го прилагоди според сопствената рерна.




Откако ќе се испече, врелата баклава прелијте ја со изладениот сируп. Оставете да се олади најпрво на собна температура, а потоа и во фрижидер, најмалку три часа пред послужувањето. Рецепт и фотографии на Слаѓана Јовановиќ.

баклава / Слаѓана Јовановиќ
баклава / Слаѓана Јовановиќ
баклава / Слаѓана Јовановиќ
баклава / Слаѓана Јовановиќ