Ова е една совршена идеја за брз ручек со пилешко месо и компир, според рецепт кој не сте го правеле досега. Со малку намирници можете да приготвите евтино јадење за целото семејство.




Можеби јадењето ќе ве потсети на мусака, бидејќи постапката е многу слична, само што е побрза и наместо мелено месо користите пилешко месо. Исто така, наместо јајца со млеко, овојпат јадењето го прелевате со неутрална павлака и јајца.




Потребни состојки: 1 главица кромид, 4 компири, 1 домат, 3 парчиња пилешки гради (бело месо, филе), 2 јајца, 200 мл неутрална течна павлака за готвење, рендан кашкавал, сол, црн пипер, кари, сув зеленчуков зачин




Постапка: еден огноотпорен сад со средна величина убаво намастете го на дното и страните. Главицата кромид исчистете ја, па исечкајте ја на лентички и рамномерно распоредете на дното од садот или плехот.




Измијте убаво четири компири со средна величина, па излупете ги и исечкајте ги на тенки тркалца (исто како кога приготвувате мусака) со дебелина од приближно 2-3 милиметри.




Тркалцата од компир наредете ги врз лентичките од кромид, но така да биде покриена целата површина и да не се гледа дното на садот. Посолете, запиперете и зачинете по вкус.




Пилешкото месо измијте го со ладна вода, исцедете го и избришете го, а потоа исечкајте го на ситни коцки. Зачинете со сол, црн мелен пипер, кари и сув зеленчуков зачин (вегета).




Зачинетото пилешко месо рамномерно распоредете го врз компирот. Сега пригответе го кремот за прелевање на „мусаката“. Во еден подлабок сад скршете две јајца и изматете ги со жица маталка.




Додека непрекинето матите, постепено додавајте 200 мл течна крем павлака за готвење. Посолете по вкус (половина или една лажичка), малку црн пипер, кари и сув зеленчуков зачин.




Со приготвениот крем прелијте го месото и компирите. протресете за да се распореди рамномерно. Потоа садот или плехот покријте го одозгора со хартија за печење, а најодозгора со алуминиумска фолија.




Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу половоина час. За тоа време исечете еден домат на тркалца. После половина час, извадете го јадењето од рерна и одозгора наросете рендан кашкавал и наредете тркалца од домат.

Наросете малку маслиново масло и зачинете со зачински билки по вкус. Вратете го јадењето во загреаната рерна да се допече уште 10-тина минути. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.