Рецепт на Рада од каналот Радине Послатице. КОЛАЧ ДЕДОВ МУСТАЌ: Вкусен старински колач кој ќе ве освои со мирис и вкус. Многу лесен и едноставен рецепт, го правам често бидејќи син ми го обожува.
Рецептот е на штрудла со ореви, но различно е превиткувањето на кората и изгледот на колачот. Пробајте, нема да згрешите ако го направите. Јас правам половина доза, бидејќи цела доза ни е многу, но вие направете како вам ви одговара повеќе.
Потребни состојки за половина доза: 50 мл млако млеко, 12 г свеж квасец, 2 лажички шеќер, 1 ќесичка ванилин шеќер, 1,5 лажичка кисела павлака, 2 жолчки, 90 г путер, 200 г брашно.
За фил: 2 белки, 75 г шеќер, 100 г ореви. Други потребни состојки: мармалад или џем по избор, јас користев џем од кајсии за едната кора и џем од вишни за другата, мелени ореви за наросување. За глазура: 100 г чоколадо за готвење и 1 лажичка масло.
Постапка за подготовка на кората: Во подлабок сад додајте го млекото и измешајте го со квасецот со рачна маталка. Потоа додајте го шеќерот, ванилиниот шеќер, 1,5 лажичка кисела павлака, двете жолчки и путерот.
Потребно е путерот да биде отстојан на собна температура пред да го додадете во смесата. Се соединува добро со рачна маталка, па постепено се додава брашното до формирање на тесто. Тестото излегува меко, а се меси се додека да стане нелепливо под прсти. Доколку е потребно уште брашно, додајте.
Замесеното тесто се дели на 2 половина и секоја кора се развлекува 25×30 цм или колку што ви е голема тепсијата. Тестото се става на хартија за печење во иста големина како тепсијата и се развлекува.
Секоја кора се премачкува со џем или мармалад. Јас едната кора ја премачкав со џем од кајсии, а другата со џем од вишни, а одозгора ги наросив со мелени ореви. Се витка ролат до половина на тестото, од двете страни на кората и се остава малку на средина да се гледа мармаладот или џемот.
Се ставаат директно во тепсијата со се хартија, а ако подготвувате цела доза, ќе ви бидат потребни 4 – 5 кори. Во меѓувреме подгответе го филот. Во подлабок сад ставете ги двете белки, а потоа додајте го шеќерот. Изматете со миксер до добивање на цврст шам, а потоа соединете со 100 г мелени ореви.
Поделете ја смесата на два еднакви делови, и секој дел ставете го во средината на делот што проѕира со мармалад. Може директно да го ставате со лажица, но за да биде почисто и порамномерно користете кујнски шприц за шлаг.
Малку измазнете го шлагот на секоја кора, а вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени. Треба да бидете многу внимателни при печење и постојано треба да ги проверувате корите. Обично се печат 15 минути, но секако вие си ја знаете рерната најдобро.
Додека корите се печат, направете глазура од чоколадо со 1 лажица масло и прелијте врз шлагот на корите. Добро измазнете и наросете со мелени ореви по желба. Јас само едната кора ја премачкав со глазура од чоколадо, а на другата наросив шеќер во прав.
Се остава малку чоколадото да стврне, па потоа се сече. Начинот на сечење е многу едноставен, се сечат како ролат во дебелина од 2 – 3 цм, како на видеото. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.