Мухалебија е традиционална слатка која можете да ја најдете речиси во секоја слаткарница во Турција. За многумина овој вкусен десерт е прогласен за еден од најубавите во светот. Постојат повеќе варијанти за негово приготвување, а во продолжение прочитајте го рецептот на Анита Микиќ.




Потребни состојки: 50 г путер или маргарин, 3 рамни супени лажици гриз, 500 мл млеко, 3 супени лажици шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 20 г кокосово брашно и за декорација малку кокос, бадеми, лешници, листови нане, малини…




Постапка: ставете едно тенџере на оган, па додајте 50 г путер или маргарин да се растопи на умерена температура. Додајте три рамни супени лажици гриз, па промешајте да се соедини.




Кратко време пржете го гризот во путерот, колку малку да замириса, па додајте половина литар млеко. Млекото додавајте го постепено со постојано мешање за да не се формираат грутчиња.




Во смесата додајте и три лажици шеќер и една кесичка ванилин шеќер, па мешајте додека да се свари гризот и да згусне. Сето ова се прави на тивок оган и се внимава да не загори.




На крај, кога ќе зоврие додајте 20 г кокосово брашно и убаво промешајте за да ја впие влажноста од кремот. Претурете во претходно навлажнети десертни чаши и оставете да се олади.




Кога ќе се олади на собна температура, десертот можете да го декорирате по ваша желба, со наросување на малку кокос одозгора, или бадеми, лешници, ореви, малини, свежи листови од нане.




Овој десерт е најубав кога убаво ќе излади во фрижидер пред послужување. Познат е и под името кескул, бабин гриз, а многумина вкусот ги потсетува на познатото рафаело, па затоа освен кокос, додаваат и мелен лешник како декорација. Еве уште еден рецепт:




Потребни состојки: 1 литар млеко, 30 г кокосово брашно, 100 г путер, 6 лажици пченичен гриз, 1 шолја шеќер или по вкус, 1 ванилин шеќер. Постапка: растопете го путерот, додајте го гризот и мешајте околу една минута.




Додајте го млекото и продолжете со мешање. Додајте го ванилиниот шеќер и гответе додека да згусне. Во добиената смеса додајте кокосово брашно, измешајте и гответе уште 3-4 минути.




Десертот излејте го во десертни садови и почекајте да излади. По желба украсете со кокосово брашно, цимет, мелени ореви, мелени и кршени лешници…