Едноставен колач и на сите добро ќе им дојде овој рецепт. Совршен десерт кој откако еднаш ќе го пробате, веруваме дека често ќе го правите. Сите состојки се ставаат во едно тенџере, па затоа е толку едноставен и совршен за оние кои немаат искуство, а кои сепак сакаат да приготват вкусен и убав колач.
Потребни состојки: 1 литар млеко, 3 кесички пудинг со вкус на чоколадо, 5 лажици шеќер или по вкус, 250 г путер или маргарин, 300 г кекси, банани, 250 г чоколадо за готвење, 250 мл слатка павлака за шлаг и плех со димензии 34х23 см (или приближно)
Постапка: во едно тенџере ставете го млекото и пет лажици шеќер или по ваш вкус. Потоа додајте го пудингот од чоколадо и убаво изматете со жица маталка додека да се растопи во млекото и да не останат грутчиња.
Потоа тенџерето ставете го на оган и со постојано мешање сварете го пудингот. Откако ќе зоврие намалете ја температурата и варете додека да се згусне. Пудингот треба да има средна густина, да не премногу густ ниту редок.
Додека е врел, во пудингот додајте го путерот исечкан на помали парчиња, па мешајте додека тој да се растопи и да се инкорпорира во пудингот. Кога ќе се изедначи смесата, додека сè уште е топла, во неа додајте кршени кекси.
Кексите можете да ги кршите со рака, или додека се во кеса да ги притиснете со нешто тешко. Потоа со лажица или шпатула добро промешајте за да можат кексите рамномерно да се распоредат во пудингот.
Откако ќе ја промешате смесата, оставете ја на страна малку да се олади, околу пет минути. За тоа време вие можете да го подготвите садот или калапот во кој ќе ја излеете смесата. Димензиите на калапот сами одберете ги. Јас користам правоаголен калап со мобилен обрач.
Ако одберете сад кој нема подвижен обрач, тогаш најдобро би било да го обложите истиот со проѕирна фолија, за да можете подоцна да го извадите. Ако изберете да го превртувате, тогаш најдобро би било одозгора да наредите бисквити, кои после превртувањето би биле основа на колачот.
Откако рамномерно ќе ја распоредите половина од смесата и ќе ја израмнете, одозгора наредете сечкани (зрели) банани или какво било друго овошје по ваш вкус. Тоа може да бидат бобинки, како јагоди, малини, боровинки…Мене ми беа потребни 4 банани, пресечени по должина, на половина.
Врз бананите или овошјето што ќе го одберете, распоредете ја втората половина од смесата, пополнете ги празнините и израмнете ја површината. Колачот оставете го најпрво да се олади на собна температура, а потоа и во фрижидер.
Можете да го оставите ваков, без никакви додатоци, но уште подобро би изгледал доколку одозгора го прелиете со чоколадна глазура. Загрејте ја павлака на тивок оган, внимавајќи да не ви зоврие, па додајте го чоколадото и промешајте додека тоа да се растопи. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.