Ова е уште едно брзо, коктел печиво за кое верувам дека многу ќе ви се допадне. Нема потреба од чекање тестото да стасува, се приготвува брзо и лесно. Има одличен вкус, а полжавчињата излегуваат многу меки, како памук, мирисни и вкусни. Од оваа количина излегуваат 30 големи или 60 мали коктел-полжавчиња.




Потребни состојки: околу 1 килограм брашно, 200 мл млако млеко, 200 мл млака вода, 100 мл масло, 25 г свеж квасец, 2 јајца (едното е за премачкување), 1 лажичка сол, 1 лажичка шеќер, а за филување 200 г кечап, 200 г, кашкавал и оригано




Постапка: во еден сад измешајте го квасецот со млакото млеко, додајте шеќер, вода, масло и едно јајце кое отстојало на собна температура. Добро измешајте за да се раствори квасецот и да се активира.




Во течната смеса постепено започнете да додавате од брашното во кое сте додале и малку сол. Кога веќе не може да се меша со лажица, тестото истресете го врз набрашнета работна површина, наросете го со малку брашно и доработете го.




Потоа со помош на оклагија развлечете правоаголна кора со дебелина од 3-4 мм. Преку целата површина, кората премачкјате ја со кечап (пожелно е да биде на собна температура, да не го вадите директно од фрижидер).




Одозгора изрендајте кашкавал и наросете оригано. Секако, дека филот можете да го приготвувате и според ваш вкус, но оваа комбинација откривме дека е совршена за ваквите коктел печива. Исто така, вкусни се и доколку додадете и рендана шунка, на пример.




Со лажицата малку притиснете го кашкавалот убаво да се залепи за кечапот, за да можете многу полесно да го свиткате ролатот. Внимателно започнете да ја виткате кората, почнувајќи од едниот крај, а потоа рамномерно продолжете и многу нежно притиснете со прстите за да се затвори валјакот.




Потоа сечете парчиња со дебелина од еден ипол или два центиметри (најдобро е да мерите со прсти за да ви бидат сите со еднаква големина), а сечените полжавчиња редете ги на намастен плех или обложен со хартија за печење.




Изматете едно јајце заедно со една лажица масло, па со помош на силиконска четка премачкјате ги сите полжавчиња од горната страна. Доколку сакате, дополнително можете да наросите со сусам или некое друго семе по желба, но во случајот нема потреба.




Вклучете ја рерната да се загрева на 240 степени или на најсилната температура што може да ја постигне вашиот шпорет. Овие печива бараат да се ставаат во навистина врела фурна. Потоа ставете ги да се печат (на 240-220 степени) околу 15 минути.




Се добиваат околу триесет полжавчиња (поголеми), а доколку правите за родендени или слични пригоди, тестото можете да го поделите на два дела, односно две помали кори, па да добиете двојно повеќе, помали печива, односно 60 полжавчиња. / Сооlinarika.com