Многу вкусни, баш вистински пирошки со вкус што ќе го паметете. Првиот рецепт се приготвува со тесто кое уште се нарекува и „лудо” тесто и можете да го користите по потреба.
А за вториот рецепт имате и видео презентација за постапката на приготвување. За кој и да се одлучите нема да погрешите, бидејќи и двата рецепти се одлични и проверени.
I РЕЦЕПТ – Скопски пирошки, со феноменален вкус, на сите им успеваат
Потребни состојки: 1 кг бело меко брашно, 300 м густ јогурт, 50 мл масло, 350 мл млако млеко, 2 цели јајца + 1 жолчка, 40 г свеж квасец, 2 лажици шеќер и 1 лажица сол. За фил: 300 г сирење и 1 белка
Постапка: Во млако млеко растопете го квасецот, додајте шеќер, сол, масло и разматени јајца. Брашното просејте го и во средината направете вдлабнатина, па додајте јогурт (замлачен или на собна температура), па полека додавајте го млекото и замесете тесто.
Тестото покријте го и ставете го во фрижидер да одмори најмалку еден час, а може и повеќе. Ова тесто може да стои со часови и денови, бидејќи постапката е иста како за „лудо тесто“, тоа убаво ќе порасне и во фрижидер.
Кога сакате да правите пирошки, само откинете од него колку што ви е потребно и без премесување развлечете кора со дебелина од 1 см, сечете на квадрати, премачкајте ги малку со вода и филувајте ги со сирење помешано со белка. Пирошките затворете ги а краевите притиснете ги малку со прстите за да не излегува филот.
Овие пирошки се пржат во длабоко масло околу 3-4 минути, се вадат и се редат врз хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Тие се крцкави однадвор а меки одвнатре. Послужете ги со јогурт, кисела павлака, млеко…
II РЕЦЕПТ – Пирошки со сирење кои не впиваат масло, однадвор се крцкави а внатре се сочно меки – за 30 мин се готови
Рецепт и видео прилог на Милица Божиќ – Брзи пирошки со сирење и шунка.
„Бев на летување на море и таму пробав печива слични на мекици или пирошки. Ме потсетија на нашите печива, но со таа разлика што беа доста масни.
Тогаш се сетив дека јас имам одличен рецепт за пирошки кои се многу вкусни, а не впиваат масло. Она што е најдобро од сè е тоа што се готови за само половина час!”, вели Милица.
Потребни состојки: 3 јајца, 400 г брашно, 500 г сирење, 1 прашок за печиво, сол по вкус, масло за пржење. За фил: 150 г шунка, 150 г сирење
Постапка: Во поголем сад измешајте го прашокот за печиво со брашното, потоа додајте три јајца и на крај додајте ситно сирење или фета сирење изронето со виљушка. Ако сирењето не е солено, додајте сол по вкус. Во спротивно нема потреба. Полека замесете ги сите состојки со рака.
На почетокот можеби ќе ви се чини дека тестото е тврдо, но колку подолго го месите тестото, ќе видите дека е сосем меко, убаво и компактно. За ова тесто нема потреба ни 5 минути да се чека да стасува.
Истресете го тестото на набрашнета работна површина и малку премесете го за да не се лепи. Поделете го на два дела за полесно да се развлекува. Пред да започнете со развлекувањето, вклучете ја ринглата на 4 од 6, односно маслото да се загрее на средна температура.
Кората развлечете ја со средна дебелина (половина прст), па пресечете ја на ленти. Филувајте со сирење и шунка или по желба, а вкусни се исто така, и „клот”, без ништо. Свиткајте ги со преклопување за да се затворат.
Пржете ги во загреано длабоко масло, на умерена температура. Превртувајте ги неколку пати. Потребни се околу 5 минути за да се испржат. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.