Тирамису е италијански десерт којшто се приготвува со пишкоти (посебен вид на бисквитни кекси) натопени со кафе еспресо, сирење маскарпоне (меко, слатко и кремасто сирење, вид на слатка павлака), јајца, шеќер, вино марсала или рум и какао.
Овој колач е еден од најпопуларните десерти, се послужува насекаде во светот, не само во италијанските ресторани и пицерии. Рецептот е адаптиран за торти, пудинзи, сладоледи и други варијанти на десерти, а наместо кафе може да се употребат и други состојки како сок од јагоди, малини или лимон, како и чоколадо.
Овојпат ќе ви откриеме неколку рецепти за сечив вкус, кои се надеваме дека ќе ви се допаднат. Првиот рецепт кој не содржи јајца и маргарини е одличен за летно време бидејќи може подолго да се чува во фрижидер без притоа да го изгуби освежителниот вкус, пишува НМД.мк
РЕЦЕПТ 1 Потребни состојки: 250 мл слатка павлака, 500 г маскарпоне, 100 г шеќер во прав, 1 ванилин шеќер, неколку капки лимонов сок, 250 мл ладно кафе, малку амарето ликер, околу 60 пишкоти, какао за наросување одозгора
Постапка: во варено и изладено кафе додајте амарето ликер. Слатката павлака изматете ја и постепено додавајте шеќер во прав, ванилин шеќер, маскарпоне и неколку капки лимонов сок.
Пишкотите натопувајте ги во кафето со ликер и распоредете ги на дното од тепсијата, а потоа премачкајте со крем, па повторно пишкоти, крем и така натаму…Завршете со крем и одозгора наросете со какао.
Оставете преку ноќ да се стегне а пишкотите убаво да омекнат. Овој рецепт го испроба и на свој начин го подобри Верица Бориќ, а резултатот ги надминал и нејзините очекувања. Еве како таа го приготви овој одличен десерт:
Тирамису без јајца – одличен колач кој ги надмина моите очекувања
Фотографија и рецепт на Верица Бориќ. Бев скептична кон овој колач бидејќи оригиналот се прави со крем од жолчки и поради тоа никогаш не го направив. Наидов на овој рецепт, малку го преработив и сега сакам да го споделам рецептот со вас.
Потребни состојки: 1 поголемо пакување пишкоти, 200 мл силно, црно кафе, 250 г маскарпоне сирење (или обично крем сирење), 300 мл слатка павлака, 75 г шеќер во прав, ½ лажичка цимет, 1 ванилин шеќер, 1 желатин (инстант кој се додава директно во смесата) и какао во прав за наросување
Постапка: Поделете ги пишкотите на два дела. Првиот дел наредете ги како подлога во помала тепсија или калап, па испрскајте ги или прелијте ги со половина од кафето. Во слатката павлака додајте го желатинот во прав, па добро изматете ја со шеќерот во прав.
Пред крај додајте ванилин шеќер и цимет, а потоа и маскарпоне сирењето. Повторно изматете додека сите состојки да се соединат. Нанесете половина од кремот врз пишкотите, па врз него наредете ги и вториот ред пишкоти, па и нив испрскајте ги со кафе.
Одозгора нанесете го вториот дел од кремот и наросете со какао во прав. Оставете во фрижидер добро да се излади, па сечете и послужете. И за крај, ви го претставуваме послед ниот рецепт за КУГЛОФ ТИРАМИСУ кој се приготвува за само 20 минути:
Тирамису куглоф за 20 минути готов – Истиот рецепт може да се послужи во чаша или друга форма
Рецептот е многу едноставен, само потребно ви е маскарпоне сирење и ликер од бадем, кои на овој десерт му даваат специфичен вкус. Оригиналниот рецепт се послужува во чаша, но вие можете смесата да ја спакувате во било каква форма. Овојпат јас се одлучив за куглоф.
Потребни состојки: 5 жолчки, 150 г шеќер во прав, 500 г маскарпоне (или домашно крем сирење), 30 мл амарето – ликер од бадеми, а може и рум, 1 филџан кафе, 1 пакување пишкоти, 2 лажици какао за наросување
Постапка: Жолчките добро изматете ги со шеќерот додека да станат пенасти, потоа продолжете уште неколку минути да ги матите на пареа додека да се зготват и да се згуснат убаво. Оставете ги да изладат, па додадете го маскарпонето и со жица убаво соединете ја смесата.
Пишкотите натопувајте ги во мешавина од кафе и амарето. Се реди еден ред пишкоти, па ред крем, ред пишкоти, ред крем…или кој како сака. Ако правите правоаголна форма, може најпрво да го обложите калапот со пишкоти, на дното и странично, па да го истурите кремот.
Пишкотите можете да ги редите во два слоја или да ги набоцкате вертикално. Истото важи и доколку послужувате во чаши. Ако правите куглоф, тогаш обложете го со проѕирна фолија и пред послужување добро изладете го. Одозгора се наросува со какао во прав. / Сoolinarika