За овој вид на колачи, мојот сопруг вели дека тоа биле „леб колачи“. Меѓутоа, кога го направив овој колач, веднаш го привлече со изгледот, а кога го проба остана без текст. Очекуваше да биде сув, но се изненади кога се увери колку тој е сочен и како се топи во уста.
Колачот навистина многу лесно и едноставно се приготвува и можеби ќе ве потсети на класичниот „леб колач“ кој вообичаено се приготвува со вишни, јагоди или друго овошје, меѓутоа овој малку е различен, ќе се уверите – Емилија.
Потребни состојки: сите состојки се мерат со една чаша од 200 мл; 3 јајца, 1 шолја шеќер, 1 шолја масло, 1 шолја јогурт, 3 шолји брашно, 1 прашок за печиво 12 г, 800 г кајсии, шеќер во прав за наросување на колачот
Постапка: јајцата извадете ги од фрижидер да попримат собна температура, а потоа пенасто изматете ги со електричен миксер. Допдека ги матите постепено додавајте една шолја шеќер. Матете непрекинато додека шеќерот да се растопи и смесата да згусне.
Потоа додајте 200 мл масло, 200 мл течен јогурт и на крај просејте и додајте три шолји брашно и една кесичка од 12 грама прашок за печиво. Матете со миксер најпрво со послаба брзина, а потоа и со побрза додека да добиете еднолична, мазна хомогена смеса.
На крај ќе добиете многу фина, пенлива смеса како крем. Подгответе го калапот со димензии од 22х31 см (или приближно) и обложете го со хартија за печење, така што покрај дното и ѕидовите да бидат обложени.
Вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Половина од смесата излејте во калапот, распоредете рамномерно и израмнете. Ставете да се пече 10 минути во добро загреаната рерна на 200 степени.
Одозгора наредете 24 половинки кајсии (12 цели крупни кајсии, а вам колку ќе ви бидат потребни, зависи од величината на калапот и од тоа колкави се плодовите. Затоа е најдобро да изберете кајсии со приближно еднаква големина).
Врз наредените кајсии распоредете го остатокот од тестото и убаво распоредете го. Вратете го колачот во загреаната рерна да се допече уште 25 минути, но овојпат намалете ја температурата на 180 степени (ако вашата рерна пече посилно или послабо, прилагодете ја температурата).
Печениот колач извадете го од рерна, а после неколку минути извадете го од калапот и отстранете ја хартијата. Кога ќе биде подизладен, одозгора наросете го со шеќер во прав. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.