Здраво на сите. Денес за ручек правев полнети пиперки, но на еден потполно поинаков начин, со една состојка на која никогаш не би ви текнало да ја ставите. Пиперките излегоа многу вкусни и сочни, а кога еднаш ќе ги пробате, често ќе ги правите, затоа што се превкусни. Вистински летен семеен ручек.
Вообичаеното приготвување на полнети пиперки е со мелено месо и доматен сос, или пак некоја слична варијанта, а во посна верзија се полнат со компир или ориз. Ова е сосем поинаков начин и поинаков избор на состојки.
Потребни состојки: 3-4 супени лажици масло, една помала главица кромид (или 2-3 млади кромитчиња), половина лажичка сол (или по вкус), 2 поголеми парчиња пилешки гради, зачинете со црн пипер во прав, буковец (лут црвен пипер), кари, вегета (сув зачин), црвен пипер
Ќе ви биде потребно уште: еден голем или два помали моркови (рендани), еден домат (исечкан на ситни коцкички), 200 г обарен бел ориз, една кесичка крем супа од печурки, 10 бабури со средна величина, 500 мл неутрална павлака за готвење, 100 г рендан кашкавал за наросување одозгора
Подготовка: исечкајте го кромидот, морковот изрендајте го, месото исечкајте го на коцки, пиперките бабури измијте ги и зачинете ги, изрендајте кашкавал. Откако сето ова ќе го направите, можете да започнете со постапката за приготвување на јадењето.
Постапка: на малку загреано масло пропржете го ситно исечканиот кромид. Динстајте го околу две минути додека да омекне и застакли, па додајте го пилешкото бело месо, исечкано на поситни коцкички. Зачинете го со зачини по вкус.
Динстајте го месото со постојано мешање, па додајте рендан морков, еден домат ситно исечкан и повторно убаво промешајте да се изедначат состојките. Доволни се приближно 5 минути за да се запржи месото од сите страни.
Потоа додајте двеста грама ориз, претходно сварен (не премногу) и процеден. Повторно добро промешајте и соединете ги состојките. На крај доаѓа на ред тајната состојка, а тоа е крем супа од печурки. Истурете ја целата содржина од кесичката во испрженото месо.
Промешајте убаво и исклучете го шпоретот. Во меѓувреме подгответе ги бабурите: измијте ги и исчистете ги од дршките и семето. Внимателно со лажичка црпете од смесата и полнете ги пиперките (по две-три лажици).
Полнетите пиперки прелијте ги со неутрална течна павлака за готвење. Одозгора врз пиперките наросете рендан кашкавал (гауда) по ваш избор. Вака приготвеното јадење ставете го во загреана рерна на 180 степени и печете го околу 50 минути.
Печените пиперки се многу вкусни и сочни. Послужете ги заедно со малку од сосот кој ќе се создаде во тавата. Уживајте. Деталите од целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.