Авторот на малата книга за рецепти Слободанка Бошевска – Ристовска има собрано над 100 рецепти за подготовка на ситни и брзи колачи. Таа уште како дете започнала да собира рецепти, но и да прави домашни колачи, бидејќи ”купечките” колачи воопшто не и се допаѓале.
На почетокот колачите не и излегувале како што таа посакувала, но сè уште била дете и немала доволно искуство. Во нејзината мала книга има напишано дека сè се учи, само треба трпение за почетниците во кујна, а пред сè е потребен и добар рецепт.
Таа исто така споменува дека овие ситни колачи ги нарекуваат „визитарски“ во Битола, од каде таа потекнува. Секој колач си има име од онаму каде што потекнува, а во оваа книга се забележани нивните оригинални имиња.
I рецепт: ПУСЛИЦИ (ЦЕЛУВКИ)
Потребни состојки: 4 белки (160 г), 400 г шеќер, сок од половина лимон, малку сол.
Подготовка: Најосновно е дека садовите што се употребуваат и миксерот треба да бидат идеално чисти (ни масни ни влажни). Белките треба да се измерат, а под една белка се подразбира околу 40 г. Доколку се јајцата помали, можеби ќе ви бидат потребни 5 јајца.
Белките се ставаат во чист сад, се додава сосем малку сол (прстофат) и се започнува со матење со миксер. Кога ќе добиете бел снег, постепено се додава шеќерот, сè додека да се растопи, а снегот да стане цврст и сјаен. На крајот капка по капка се додава сокот од лимон со постојано мешање на смесата.
Во меѓувреме, рерната се загрева на 160 степени, а пуслиците со шприц за тулимби се истиснуваат на плех со бела хартија. Кога рерната ќе биде загреана, се става плехот во неа и температурата веднаш се намалува на 120 C, а пуслиците се печат повеќе од еден час. Доколку рерната е многу силна, температурата на почетокот треба да биде 120 C, а потоа да се намали на 100 C.
II рецепт: КАКАО ПУСЛИЦИ
Потребни состојки: 3 белки, 200 г шеќер, 50 г мелени ореви, 2 лажици какао.
Подготовка: Од белките и шеќерот се прави цврст шам, се додава какаото, убаво се меша смесата и на крај се додаваат мелените ореви. Притоа е важно да се меша со дрвена лажица за да не спадне смесата.
Потоа се прават мали форми со шприц за тулумби и се печат на 100 C околу 30 минути. На површината, пуслиците треба да бидат цврсти, а одвнатре сочни. Оревите најлесно ќе ги истолчите ако ги ставите во една пластична ќеса за во замрзнувач. Убаво затворете ја ќесата и преку неа развлечете со оклагија или шише.
III рецепт: ЖОЛТИ ПУСЛИЦИ
Потребни состојки: 3 јајца, 300 г кристал шеќер, 300 г сечкани ореви.
Подготовка: Сите состојки се мешаат заедно и смесата се става на тивок оган во сад. Со меша постојано додека да добиете густа смеса. Потоа садот се трга од шпоретот, се остава малку да се подизлади и со лажиче се вадат пуслици и веднаш се ставаат во хартиени калапчиња (корпи од хартија). Пред да се послужат потребно е неколку дена да се сушат на провев (не во фрижидер).
IV рецепт: ПУСЛИЦИ СО КОКОС
Потребни состојки: 3 белки, 250 г шеќер во прав, 200 г кокос, малку сол.
Подготовка: Од белките со малку сол се матат со миксер додека да добијат форма на снег, а потоа постепено се додава шеќерот и се продолжува да се мати смесата над пареа додека стане цврста и сјајна.
Потоа садот се трга од шпоретот и со дрвена лажица се додава кокосот па се остава смесата да се подизлади. Пуслиците се формираат со лажичка и се печат на наместен плех на 150 C.
V рецепт: ФИЛУВАНИ ПУСЛИЦИ
Потребни состојки: 4 белки (160 г), 320 г кристал шеќер, сок од еден лимон. За фил: 4 жолчки, 150 г шеќер во прав, 150 г путер, 100 г млечно чоколадо.
Подготовка: Пуслиците се подготвуваат како во првиот рецепт, со единствена разлика што треба да бидат помали и треба да се формираат со шприц за филување. Откако ќе бидат готови пуслиците, ќе ги спојувате две по две со филот и потоа се служат во корпици од хартија. За филот: Путерот се мати пенасто со шеќерот во прав, па се додаваат една по една од жолчките, а на крајот омекнатото чоколадо.
VI рецепт: ФИЛУВАНИ ПУСЛИЦИ 2
Потребни состојки: 2 белки, 12 лажици шеќер во прав. За филот: 4 жолчки, 4 лажици шеќер во прав, 25 г рендано чоколадо, 150 – 200 г мелени ореви.
Подготовка: Белките се матат заедно со шеќерот во прав, а од состојките предвидени за филот, се матат жолчките со шеќерот, а потоа се додава ренданото чоколадо, па се замесуваат сите состојки и се додаваат мелените ореви, додека да се добие густа смеса. Од оваа смеса се прават ”бомбици”, кои се валаат во белките и се печат на 120 степени околу 40 минути.