Дожд, сонце, дожд, сонце – типичното пролетно време е вистинскиот рецепт за да процвета сè во природата. Но, заедно со вашите цвеќиња и овошки, за жал, бујат тревата и плевелот, па плевењето честопати е макотрпна работа.
За да си ја олесните работата и да заштедите на време, користете едноставни трикови. За почеток, добро изострете ги алатките – рабовите од ашовот и мотиката неколкупати поминете ги со турпија за метал. Ќе се изненадите колку полесно ќе влегуваат во земја.
Потоа, целата површина на ашовот премачкајте ја со некое масло за готвење. Можеби ви се чини за чудно оваа постапка, но оние што копале знаат дека нема ништо потешко отколку да вадите цели грутки кои се запелиле за ашовот при копањето.
Наместо постојано, на секоја минута да го прекинувате ритамот за да го ослободите ашовот од наслаги на кал и земја, на овој начин ќе оди како „подмачкано“. Од долгата работа, секој ризикува да добива плускавци на дланките.
Меѓутоа, не е лесно да се работи ниту со ракавици на топло време – дланките се потат, па секој час мора да ги вадите за да се разладите. Ако сте меѓу оние кои не ги трпат ракавиците, тогаш завиткајте тенок сунѓер околу држачот, зацврстете го со ластичиња.
На тој начин ќе го олесните држењето и ќе ја заштитите кожата на дланките.
И конечно, кога ја плевете тревата околу цвеќињата, клекнете за да ви биде полесно, но не клекнувајте директно на земја.
Потрудете се секогаш при рака да имате парче цврст стиропор, доволно голем за да можете на него да клекнете, односно да се потпрете на колената. Во продавниците за градинарски прибор и алат може да се купи и специјален подметнувач за оваа цел и не е премну скап, а сепак врши голема работа.
Но, и сами можете да си направите една верзија од купечкиот, од евтин материјал. Употребете изолаторни навлаки за цевки од посебен, еластичен стиропор. Ќе ви потрае барем за една сезона, а ќе ги сочувате колената.
Доколку плевите со исправени нозе или малку подвиткани колена, со главата надолу, ќесто ќе имате вртоглавици, но и болки во нозете, особено во колената. Погоре опишаниот начин е идеален за плевење на градината.