I РЕЦЕПТ: ПИТА ОД ТИКВИЧКИ – одлична за брза вечера со чаша јогурт. За многу кратко време на своите најмили ќе можете да им послужите многу вкусна пита која се приготвува од само неколку состојки. Вкусна е топла и ладна, а може да се послужи и како прилог или предјадење.
Потребни состојки: 3 јајца, 100 мл масло, 500 г рендани цедени тиквички, 1 главица кромид, 1 лажица сечкан магдонос, 100 г сирење (фета или некое масно сирење), 300 г брашно, 1 прашок за печиво, 2 лажици кисела павлака, 5 лажици гриз, сол и црн пипер по вкус.
Постапка: тиквичките измијте ги, излупете ги изрендајте ги на крупната страна од рендето, посолете ги, промешајте ги и малку оставете ги да отстојат за да го испуштат сокот. Потоа убаво истискајте ги низ раце и исцедете го вишокот сок кој го испуштиле.
Кромидот излупете ги ипо колку можете ситно исечкајте го. Во подлабок сад изматете 3 јајца, додајте масло, исцедените тиквички, сечканиот кромид, сечкан магдонос, дробено сирење, кисела павлака, гриз, брашно, прашок за печиво, сол и мелен црн пипер по вкус.
Смесата убаво промешајте ја со лажица за да се изедначи, излејте ја во калап 20х30 см претходно намастен и набрашнет. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, па намалете на 180 степени и продолжете со печење околу 30 минути, колку да пожолти.
II РЕЦЕПТ Брза излеана пита со тиквички, едноставна, а многу вкусна, одлична за појадок, ручек или вечера
Рецептот е одличен, без грешка! Искористете ја сезоната на тиквичките и пригответе брз, а здрав и вкусен оброк за вашите најмили. Рецепт со видео прилог на Том Филос.
Потребни состојки: 2 тиквички со средна големина, 4 јајца, 200 г кисела павлака, 100 мл масло, 200 г гриз, 10 г прашок за печиво, сол по вкус
Постапка: тиквичките измијте ги со ладна вода, излупете ги и отстранете им ја дршката. Потоа изрендајте ги на крупно ренде. Посолете ги одозгора и оставете ги на страна додека ја приготвувате смесата за тесто.
Во подлабок сад ставете сè одеднаш: 4 јајца, 100 мл масло, 200 г кисела павлака, 200 г гриз и 10 г прашок за печиво. Со жица за матење убаво промешајте ги состојките додека да добиете хомогена изедначена смеса.
Тиквичките убаво со раце истискајте ги и исцедете ги, па и нив додајте ги во смесата. Промешајте. Плех со средна величина убаво намастете го со путер или маргарин, па смесата излејте ја во него.
Одозгора наросете ким или семе по желба, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 40 минути. Печената пита оставете ја неколку минути да подизлади, па сечете ја и послужете ја со јогурт, кисело млеко или по желба. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
III РЕЦЕПТ Сочна и вкусна пита со тиквички каква досега не сте пробале, ниту побрзо сте направиле
Добро утро драги пријатели, почитувани домаќинки и домаќини. Тиквичките се секогаш добредојдени на нашата трпеза, без разлика на тоа како се приготвени: похувани, во мусака, паста или слично. Рецепт и видео: Валентина Машковиќ
И овојпат не е ништо поразлично, кога станува збор за питата која ќе ги задоволи и најпребирливите дегустатори. Залаците се топат во уста и многу кратко време откако првпат ќе ја пробате, ќе стане редовна во вашето мени. Идеална е за појадок, вечера, како и за главно јадење, но и за послужување на гости.
Потребни состојки: 1 кг тиквички, 2 пиперки, 50 г магдонос, сол, црн пипер и зачини по ваш вкус, 500 г макарони обарени, 400 г сирење, 200 г кашкавал, 3-4 јајца и 100 г пармезан или кашкавал за одозгора
Постапка: тиквичките исечкајте ги на коцки (без лупење, само краевите отстранете ги), па пропржете ги на маслиново масло додека да испари течноста. Потоа префрлете ги во посебен сад, додајте лажичка сол, ситно сечкан свеж магдонос, црн пипер, малку оригано, праз во прав или кромид во прав, па изблендирајте ги со рачен миксер.
Смесата соединете ја со претходно сварените макарони. Од пиперките отстранете ја дршката и семките, па ситно исечкајте ги, па малку пропржете ги. Потоа додајте ги во смесата. Промешајте и ситно сирење, рендан кашкавал и 3-4 јајца.
Сите состојки промешајте ги за да добиете изедначена смеса. Излејте ја во огноотпорен сад или плех со средна величина. Одозгора наросете рендан кашкавал и сусам. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени, 15 минути. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.