Многу брзо и многу вкусно слатко од јаболка, пригответе си барем мала количина за да го пробате и да се засладите со кафето. Она што е најдобро кај ова слатко е што се пригутвува многу брзо, за 10 минути е готово – Павлоска.
Потребни состојки: 1 кг јаболка, 900 г шеќер, 200 мл вода, 1 ванилин шеќер, 1/3 лажичка лимонтус и 100 г ореви по желба може и повеќе.
Постапка: Одберете убави, здрави јаболка, по можност да бидат тврди, зелени, да не се ајдарет или делишес бидејќи тие брзо се распаѓаат. Ставете шеќер и вода да зовријат, како шербет. За тоа време јаболката излупете ги, исчистете ги, пресечете ги на четвртинки.
Четвртинките може да ги пресечите на плочки со дебелина од околу 4-5 мм. Кога шербетот ќе започне да врие, ставете ги внатре јаболката и оревите, затресете го тенџерето и оставете да се готви 10 минути. Пред самиот крај ставете ванилин шеќер и лимонтос.
Готово е. Покријте со кујнска крпа и оставете така 10 – тина часови. После тоа складирајте во теглички. Ова слатко можете да го приготвувате преку целата година, а по вкус во него може да додавате ореви, лешници, бадеми, суво грозје, стапчиња цимет или ванила и да го прилагодите според сопствениот вкус. / Сооlinarika.com
II РЕЦЕПТ Слатко од јагоди за 30 минути, рецепт со точни мерки и детално упатство за почетници, без конзерванси
Погледнете како на најлесен начин можете да направите најубаво слатко од јагоди. Ова слатко навистина е фантастично, сè што ви е потребно се јагоди, шеќер и малку вода, како и половина час од вашето време.
Потребни состојки: 1 кг јагоди, 1 кг шеќер и 400 мл вода
Постапка: слаткото најубаво излегува ако го правите во помала количина. Користете пошироко тенџере за готвење на слаткото. Одберете поситни и поцврсти јагоди. Измијте ги и исчистете ги од петелките.
Во тенџерето ставете еден кг шеќер и прелијте со 400 мл ладна вода. Тенџерето ставете го на оган, а откако ќе зоврие оставете 5 минути да се вари без мешање, туку само со повремено протресување.
Важно е да се напомене, дека ниту на почетокот, ниту понатаму во варењето не треба да се меша. После 5 минути вриење на сирупот, додајте ги јагодите и оставете да се вари околу половина час на умерена температура.
Јагодите полека спуштајте ги за да не ве испрска шербетот и оставете ги да се варат. Притиснете малку одозгора со лажицата за секоја јагода да биде потопена во шербетот.
Доколку се формира пена на површината, собирајте ја со лажица која претходно секогаш ќе ја измиете под млаз ладна вода. Пената се собира на страна врз некоја помала чинија.
Повремено додека слаткото се вари, малку протресете го тенџерето. После половина час слаткото е готово и одозгора покријте го со мокра крпа. Оставете го целосно да излади. Потоа складирајте го во чисти и стерилизирани стаклени тегли. Затворете ги со целофан и капак, па чувајте ги на ладно место. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.
III РЕЦЕПТ – За еден час е готово: Слатко од киви – најдобар рецепт
Навикнати сме на стандардното овошје како јагоди, малини, јаболка, круши, дињи… Но, ајде за момент да излеземе од зоната на комфорот и да приготвиме нешто поинаку.
За сите оние што патат од анемија се препорачува да јадат секое утро по едно киви на празен желудник или помеѓу оброците…секако во комбинација со здрава и избалансирана исхрана
Ако и инаку сте љубители на кивито, ова слатко многу ќе ви се допадне. Па, и да не сте фан на киселакастите овошја, пак можете да си го приготвите, бидејќи кивито ја впива сета слаткост, но сепак останува една многу мала нијанса од неговата оригиналност – и тоа го прави ова слатко да биде толку посебно.
Освен што е многу декоративно и освен за послужување на гостите, може да послужи и за декорирање на торти и колачи, но и како додаток на некој фил. Летно време ве освежува, а зимно време ви ја грее душата.
Постапката за приготвување е многу лесна: за приближно 1 кг киви се вари сируп од 500-800 г шеќер и 200-250 мл вода, а откога ќе зоврие сирупот на умрена температура се вари 20 минути, да добие густина нешто поретка од медот (да паѓа капка по капка).
Во меѓувреме се приготвува кивото – се лупи, па се сече на половинки, а ако плодовите се ситни и не мора, може да се пробуши на средината со дрвено стапче за ражен или чепкалка.
Она што е важно е да одберете киви кое е таман зрело, малку потврдо, зошто ако е меко ќе се распадне и нема да биде баш репрезентативно. Откако ќе го спуштите кивито во сирупот се вари на најтивко околу половина час.
Ако го ставите штом зоврие сирупот, тогаш се вари околу еден час. Слаткото се складира додека е топло во тегли, а по желба можете и да го пастеризирате. Во слаткото ако сакате може да додајте и кругови од лимон.
Потребни состојки: 1 кг киви, 800-900 г шеќер, 250 мл вода, 10 г лимонтус и 2 литри вода
Постапка: еден килограм киви (потврди) излупете ги, сечете ги на парчиња и ставајте ги во подлабок сад со 2 литри вода и 10 г лимонтус (една кесичка). Во овој раствор оставете ги да одморат 10 минути. Направете сируп од 800-900 г шеќер и 250 мл вода.
Ставете ги на оган па кога ќе зоврие, во сирупот додајте ги процедените парчиња киви. Варете ги еден час со повремено тргање на пената. Жешкото слатко се полни во тегли, се затвораат со метални капаци и се остава да излади.