Секоја година пред Велигден расте воз будата околу подготовките за овој празник, а особено околу вапцањето на велигденските јајца. Традиционално се фарбаат црвени јајца, но сепак, трпезата изгледа повесело ако има шарени и разнобојни јајца на кои најмногу им се радуваат децата.
И оваа година како и претходните ви презентираме различни начини за вапцање на јајцата, па доколку снемавте идеи или сакате да испробате нешто ново, прочитајте го следниот рецепт кој веруваме дека многу ќе ви се допадне.
Потребни остојки: 7-8 бели јајца, 2 кесички зелена боја или сина, виолетова боја или боја по ваш избор, лушпи од кромид, влажни марамчиња или газа и 50 мл ал-кохолен оцет + лепак на водена основа, четка и метални конфети или сребрени ливчиња, по избор
Постапка: земете поголема количина на лушпи од кромид и ставете ги во блендер да се иситнат. Можете и да ги стуткате во рака, па со помош на ножички да ги иситните на помали парчиња. Јајцата натопете ги со ладна вода за да се навлажнат и веднаш ставете ги во иситнетите лушпи од кромид.
Секое јајце налепено со лушпички завиткајте го со влажно марамче, газа или еднослојна салветка, па на врвот прицврстете го со ластиче. Вака подготвените јајца наредете ги во тенџере и прелијте ги со вода.
Во тенџерето додајте ги кесичките со зелена боја и оцетот, и сварете ги јацата на тивок оган. Откако водата ќе зоврие варете уште 8 до 10 минути. Откако јајцата ќе се сварат, истурете ја топлата вода и веднаш налијте ладна вода. Извадете ги јајцата заедно со марамчињата и оставете ги да се потсушат.
По извесно време, отстранете ги марамчињата или газата од јајцата во зависност од тоа што сте користиле, исчистете ги лушпите од кромид од секое јајце и оставете јајцата добро да се изладат, па потоа со намастена газа премачкајте го секое јајце за да светне со мермерен ефект.
Можете да ги декорирате и со металик елементи: користете лепак со водена база, па со помош на четка лепете ги деталите со сребрени или златни ливчиња. Оставете да се исуши, најдобро преку ноќ, а лепакот за тоа време ќе испари и ќе стане транспарентен. деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
Бидете модерни и единствени: Еве како да направите двобојни ВЕЛИГДЕНСКИ ЈАЈЦА со златни ливчиња
Покрај традиционалните начини за подготвување и боење на јајцата, ви откриваме и нови, помодерни начини за вапцање на велигденските јајца. Оваа година бидете иновативни и испробајте нови методи за боење и украсување велигденски јајца, како оние што ги гледате од рекламите и списанијата.
Имено, оваа сезона постои нов тренд за фарбање на јајцата, а тоа се светли, „нуд“ и „ладни“ тонови со металик елементи, односно со златен и сребрен отсјај. И оваа година бидете во тренд со вашата шаренолика корпа полна се јајца и воодушевете ги вашите деца и најблиски.
Многу интересен начин за фарбање јајца токму по трендовски терк објасни и сподели блогерката Мила. Според нејзиниот совет, потребни ви се бели јајца од кои ќе го отстраните печатот, а доколку немате бели јајца, тогаш жолтите избелете ги со додавање на оцет во водата.
Јајцата потоа убаво истријте ги и измијте ги повторно под млаз вода и избришете ги. Значи, потребни ви се чисти, бели, сварени и изладени јајца. Потребна ви е и розова боја, восок односно, свеќа и златни лентички кои можете да ги купите од книжарница или специјализирана продавница за сликари.
Розовата боја растворете ја во чаша со врела вода и само кратко потопувајте ги колку да станат розови. Колку подолго остануваат во бојата, толку ќе бидат потемни. Некои од јајцата можете да ги шарате со восок додека се бели, а потоа да ги потопувате во бојата за да излезат шарени.
Златните ливчиња како детли можете да ги лепите со четка врз ладно и мокро јајце, нема потреба за лепак. Такви се овие металик ливчиња, лесни и нежни кои лесно се залепуваат, објасни Мила на својот Инстаграм профил.