Рецепт на Виолета од Летина Кујна. Брза и лесна торта која може секој да ја направи. Се подготвува за неполн половина час, а е превкусна и многу освежува бидејќи се украсува со сезонско овошје.
Јас понекогаш ја нарекувам сезонска торта бидејќи ја подготвувам само ова време од годината, а најубаво одговара со јагоди и боровинки, но сепак може да ја подготвувате кога сакате и да ја декорирате со овошје по желба.
Кај мене децата многу ја обожаваат, но морам да кажам дека првото место и припаѓа на мојата најдобра пријателка на која оваа торта и е омилена. Навистина е многу вкусна, не е многу блага и можат да ја подготват дури и почетниците во кујната.
Потребни состојки за бисквитот: 4 јајца, 120 г кристал шеќер, 2 лажици какао во прав, 170 г брашно, 1 ќесичка прашок за печиво, 80 г растопен путер, 100 г топено чоколадо за готвење.
Потребно е да ја дуплирате дозата на кората за бисквитот бидејќи треба да се подготват две идентични кори. Потребни состојки за фил: 400 г рикота сирење, 80 г шеќер во прав, 250 мл слатка павлака.
Подготовка: Во подлабок сад се ставаат 4 белки и се матат со миксер. Откога ќе се формира пенаста смеса, додајте го кристал шеќерот и продолжете со матење. Потоа додајте ги 4-те жолчки и продолжете со матење.
Потребно е да добиете кремаста структура, бела со жолтеникава нијанса. Во меѓувреме ставете го путерот во тавче да се растопи, а во садот додајте го брашното постепено, прашокот за печиво и какаото и повторно изматете со миксер.
Кога путерот ќе почне да се растопува, чоколадото за готвење скршете го на помали коцки и додајте го во тавчето. Ринглата треба да биде вклучена на ниска температура.
Со повремено мешање, за да не се залепи чоколадото за тавчето (доколку е лепливо) мешајте со дрвена лажица. Кога ќе добиете растопен чоколаден прелив, прелијте го врз претходно подготвената кремаста смеса во садот.
Изматете уште еднаш со миксер додека да се соедини чоколадниот прелив со кремастата смеса. Во плех со флексибилен обрач со пречник 24 цм, ставете хартија за печење на дното и намастете ја малку со масло и наросете брашно по страните.
Потоа смесата прелијте ја во калапот и печете 12- 15 минути. Првите 5 – 6 минути печев во претходно загреана рерна на 180 степени, а потоа намалив на 160 степени каде се печење уште 10 минути.
Значи вкупно околу 15 минути во зависност од рерната. Повторете ја постапката на подготвување и на другата кора и печете ја на ист начин како и првата. По печењето пресечете ги корите надолжно за да добиете 4 идентични кори.
Врз секој бисквит натопете 2 лажички ладно млеко за бисквитот да биде сочен. Потоа започнете со подготовката на филот. Во сад додајте 400 г рикота сирење, а потоа во него додајте го шеќерот во прав и слатката павлака.
Убаво изматете ја смесата со миксер за да се соединат сите состојки. Секој биксвит премачкајте го со филот кој штотуку го подготвивте. Кога ќе го премачкате првиот фил, врз него додајте ја втората кора и малку потиснете ја со дланките.
Премачкајте ја и втората кора со филот. Повторете ја постапката и со третата и четвртата кора кои е потребно да ги додавате одозгора на првата и втората кора. И последната кора премачкајте ја со филот.
Оваа торта и е омилена на мојата најдобра пријателка и на децата бидејќи е доволно сочна, а јас секогаш ја украсувам со многу овошје. Најубава е во комбинација со јагоди, а сега може лесно да ги најдете бидејќи е сезона на ова вкусно освежувачко овошје.
Јагодите ги ставам по страна на тортата во чинијата и врз последната кора во филот. Некогаш ги ставам цели, а понекогаш ги сечам на половина. На средината од тортата додавов и боровинки.
Не е многу блага, a е толку многу вкусна и сочна. Се чува во фрижидер, а се јаде за 1 ден. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. / Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска