I РЕЦЕПТ – „Компир лудило” многу вкусно јадење за кое сите ќе ви побараат репете и рецепт. Количината на ова јадење може да задоволи три-четворица возрасни луѓе, освен ако некој јаде поголеми порции.
Јадењето се приготвува во плех со димензии 18х23 см или приближна величина. Рецепт и видео презентација на Бригита од Кујната на Бригита Хусиќ.
За да го приготвите ова вкусно јадење ќе ви бидат потребни следните состојки: 800 г компир, 200 г спанаќ, 2-3 чешниња лук, 100 г кромид или една главица, 1 коцка зеленчукова за супа, 200 мл вода, 2 лажици брашно, половина лажичка црвена мелена зачинска пиперка во прав, 1 лажица доматно пире или кечап.
Постапка: компирите добро измијте го со ладна вода, па излупете ги и исечете ги на крупни коцки или на парчиња со величина по ваша желба. Посолете, долијте вода и ставете го компирот на оган да се вари. Додека тој се вари, вие ситно исечкајте една главица кромид (приближно околу 100 г).
Ситно сечканиот кромид распоредете го на дното од плех со приближни димензии од 18х23 см и полијте го со малку масло за готвење. Вака приготвениот кромид (без никакви зачини, само малку масло) ставете го во загреана рерна на 180 степени со вентилатор, или 200 степени во обична рерна.
Печете го кромидот додека да омекне и малку да зарумени, а потоа извадете го од рерна. За тоа време и компирот ќе омекне и ќе се свари. Во посебен подлабок сад ставете две супени лажици брашно, половина лажица црвен пипер и малку вода, околу 200 мл.
Со жица маталка убаво изматете го брашното да нема грутчиња. Додајте и една супена лажица доматно пире за да се збогати вкусот. Промешајте и добиената смеса прелијте ја преку печениот кромид. Две поголеми чешниња лук ситно исечкајте ги, а ако сакате може да додадете и повеќе.
Ситно сечканиот лук наросете го врз кромидот и преливот. Промешајте, а потоа додајте ги и коцките варен компир. Одозгора компирот наросете го со ситно издробена коцка за супа или пак со сув зачин (вегета или сол, кој што сака). Промешајте ја содржината, да се натопат компирите рамномерно.
Одозгора наредете 200 г спанаќ (ако е свеж избланширајте го, а ако е смрзнат, одмрзнете го). Откако ќе го распоредете спанаќот, издробете сирење околу 80 г по ваша желба (40 г солен кајмак и 40 г кравјо сирење за пити). Наросете го одозгора врз спанаќот.
Вака приготвеното јадење вратете го во рерна да се пече, а после околу половина час до 40 минути прелијте го со смеса приготвена од една полна лажица брашно, 140 мл млеко и малку сув зачин. Во смесата додајте и рендан кашкавал/моцарела околу 110 г.
Пред да ја прелиете смесата со помош на лажица направете мали расцепи помеѓу компирите за да може да продре насекаде. Потоа црпете со лажицата од смесата и полнете ги направените дупки. Вака рамномерно распоредете ја целата смеса помеѓу компирите.
Вратете го јадењето во рерна да се допече уште 20-тина минути или прилагодете го печењето според вашата рерна. Моцарелата треба одозгора добро да зарумени. Ова е уште еден вкусен начин на кој можете да го приготвите компирот, се надевам дека ви се допадна. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ – Турски компир печен во јогурт, вкусно и лесно јадење. Турски компир печен во маринада од зачини и јогурт. Фино и лесно јадење кое се сервира со месо.
Потребни состојки: 4-5 поголеми компири. За маринада: 2 лажици масло, 2 лажици густ јогурт или кисела павлака, 1 лажичка сол, ¼ лажичка лут црвен пипер во прав или чили, ¼ лажичка мента/нане/оригано и ¼ лажичка тимијан
Постапка: Загрејте ја рерната на 200 степени. Во подлабок сад ставете ги сите состојки за маринада и добро промешајте.
Пробајте дали ви се допаѓа вкусот, па по желба додадете зачини кои вам ви се допаѓаат или на самиот почеток одземете ги оние кои не ви се допаѓаат. Мора да напоменам дека маринадата е малку посолена.
Плехот обложете го со хартија за печење. Компирите измијте ги добро, излупете ги, исечете ги на парчиња со величина на осмина јаболко, ниту премногу тенко, ниту премногу дебело.
Прелијте ги компирчињата со маринадата и добро промешајте за да се натопат сите. Потоа убаво распоредете го врз плехот. Ставете да се пече во загреана рерна околу половина час или додека убаво да заруменат. / Coolinarika.com