Научниците ги споредувале ефектите на два полифеноли од црното вино во однос на семките од грозје и екстракт од црно вино – врз бактериите кои се лепат на забите и непцата и предизвикуваат наслаги.
На црното вино досега му се препишуваат низа добри ефекти за здравјето, од јакнење на срцето до намалување на ризикот од шеќерна болест, а новото истражување сугерира дека содржи состојки кои можат да помогнат во борбата против пропаѓање на забите и болести на непцата.
Научниците откриле дека состојката во виното позната како полифенол помага во борбата против штетните бактерии во усната шуплина. Но експертите предупредуваат дека тоа не значи дека сега црното вино мора да се пие во поголеми количини.
Претходните истражувања сугерираат дека здравствената корист од полифенолите се поврзани со тоа дека станува збор за антиоксиданси кои го штитат телото од штетните слободни радикали, а новите истражувања покажуваат дека полифенолите можат да го подобрат здравјето функционирајќи во соработка со „добрите“ бактерии во дигестијата.
Во рамките на истражувањето, чии резултати се објавени во списанието, Journal of Agriculture and Food Chemistry, научниците проучувале дали можат полифенолите од виното да се користат за одржување на здравјето на усната шуплина.
Ги споредувале ефектите од двата полифеноли од црното вино во однос на семките од грозјето и екстракот од црно вино врз бактериите кои се лепат за забите и непцата и предизвикуваат кариес и болест на непца. Утврдиле дека полифенолите од виното и екстрактите ја намалуваат способноста на бактериите да се прилепат, но полифенолите биле многу поефикасни.
Во комбинација со Streptococcus dentisani – за кој се верува дека е орален пробиотик и кој го стимулира растот на добрите бактерии, полифенолите биле дури и подобри во блокирањето на патогените бактерии. Тоа откритие би можело да води до нови можности на дентално лекување.
Научниците признаваат дека ограничувањето на нивните истражувања е тоа што се спроведувани надвор од човековото тело, односно на клетки кои само го симулирале ткивото на непцата. Тие исто така напоменуваат дека метаболитите кои се создаваат со дигестијата на полифенолите, која започнува веќе во усната шуплина, можат да бидат одговорни за некои ефекти воочени во студијата.
Експертите предупредуваат дека консумирањето на поголеми количини црно вино меѓу останатото ја оштетува забната глеѓ.