I РЕЦЕПТ – Ретро торта со ореви, од состојки кои се користеле пред половина век. Многу вкусна торта која ја приготвувале нашите баби и мајки со состојки кои и денес ги има. Секогаш е кралица на родендени и други важни прослави, неодолива со својот предобар вкус.
Потребни состојки: 3 јајца, 190 г шеќер, 4,5 лажици врела вода, 4,5 лажици масло, 120 г брашно, 150 г мелени ореви, 1 лажичка прашок за печиво. За карамел крем: 500 мл млеко, 8 лажици остро брашно, 340 г шеќер, 30 г путер, 30-50 г чоколадо.
Постапка: Јајцата добро изматете ги со шеќерот додека да побелат (10-тина минути со миксер). Додадете масло и врела вода и уште малку матете. Додадете брашно помешано со прашок за печиво и ореви. Мешајте со лажица со лесно превртување, за да остане смесата пенлива.
Добиената смеса излејте ја во намастен и набрашнет калап со пречник 20 см и печете 40 минути во загреана рерна на 180 степени. Готовата кора извадете ја на решетка да излади, па пресечете ја на три делови. Корите можете и посебно да ги печите, само поделете ја смесата на три еднакви делови.
За крем: Одземете малку од млекото за да го разматите со брашното, а преостанатото ставете го да зоврие, па сварете го како пудинг. Мешајте со жица околу 5 минути за да се згусне убаво кремот. Може веднаш со миксер да се мати, а може и кога ќе го тргнете садот на страна.
Кога кремот до е половина сварен, во друг сад ставете го шеќерот да се топи на тивок оган. Во растопениот и карамелизиран шеќер постепено додадете го кремот со млекото и сето заедно на тивок оган промешајте го за да се изедначи, а шеќерот целосно да се растопи.
На крај додадете го путерот исечкан на парчиња и чоколадото искршено на коцки, па мешајте додека и тое да се растопат и соединат во смесата. Корите се филуваат со изладениот карамел-крем, се премачкува целата торта одозгора и од страна, па се декорира по желба. Порано ја декорирале целата торта со мелени и цели плодови од орев. Пред послужување потребно е тортата да излади неколку часа во фрижидер./Coolinarika.com
II РЕЦЕПТ – Највкусната старинска чоколадна торта со ореви: Десерт со традиција чиј вкус ве маѓепсува. Рецепт и видео прилог на Бокина кујна: Старинска торта со ореви.
Рецептот за оваа торта го наследив од мојата баба Љуба (која ја нарекуваше “жолто-црна” торта) и задолжителнно се правеше за сите родендени и прослави. Овој рецепт се пренесува од колено на колено, па доколку сте го изгубиле низ тетратките и тефтерите, запишете си го повторно.
Потребни состојки за жолта кора: 7 јајца, 7 лажици шеќер. 7 лажици брашно. За црна кора:, 7 јајца, 7 лажици шеќер, 14 лажици мелени ореви, 3-4 лажици брашно. За фил: 5 јајца, 250 г шеќер (или по вкус), 200 г растопено чоколадо, 250 г путер/маргарин. Постапка:
За жолта кора: Јајцата пенасто изматете ги заедно со шеќерот. Матете со миксерот на најголема брзина додека шеќерот да се растопи и да се зголеми волуменот на јајцата. Потоа постепено додадете 7 лажици брашно и продолжете со матење. Добиената смеса излејте ја во плех или тепсија/калап за торти (24 см) обложен со хартија.
Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени, а после 10 минути намалете на 180 степени, вкупно околу половина час. Печената кора извадете ја да се лади на решетка, а кога целосно ќе се излади, пресечете ја хоризонтално на две тенки кори.
За црна кора: Добро изматете 7 јајца со 7 лажици шеќер, исто како и за претходната кора, а потоа со лажица се додаваат 14 лажици мелени ореви и 3-4 лажици брашно. Се меша со лажица или шпатула, а состојките се додаваат постепено, малку по малку.
Смесата се излева во истиот калап и се пече во загреана рерна на 180 степени, по 10-тина минути се намалува на 160 степени и вкупно се пече 40 минути. Печената кора изладете ја целосно, па пресечете ја хоризонтално на две тенки кори. За фил: Ова е класичен рецепт за чоколаден фил кој се вари на пареа.
Во кремот по желба може да додадете и еден цврсто сварен пудинг од чоколадо (1 пудинг со 250 мл млеко) за да се добие поголема количина. Изматете ги јајцата заедно со шеќерот со миксер додека убаво да се соединат, па садот ставете го врз друг поголем сад со вода која врие и варете со постојано мешање додека да се згусне.
Во сварениот крем додадете го чоколадото и соединете го. Оставете малку да излади, па изматете го со миксер. Кога целосно ќе се олади, во кремот додадете го путерот (омекнат на собна температура) и продолжете да миксирате додека да добиете убав мазен крем.
Редење: (Секоја кора малку натопете ја со неколку лажици млеко) жолта кора – ¼ фил – црна кора – ¼ фил – жолта кора – ¼ фил – црна кора – остатокот од фил за премачкување на целата торта и ореви за декорација. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.