Рецепт и видео презентација на Мои Домашни рецепти: Сусам кифлички. Познати се уште и како “купус” кифли, печива со сусам во подобрена и поедноставна верзија. Запишете си го овој рецепт и направете ги, израдувајте ги вашите најблиски следниот викенд.
За да ги приготвите овие сусам кифли, ќе ви бидат потребни следните состојки: 10 г сув квасец, 200 мл млака вода, 2 лажици шеќер, 200 мл масло, 200 мл млеко, 650 г брашно, 1 лажица сол, 200 г растопен путер, 2 жолчки, 2 белки за премачкување одозгора и сусам за наросување
Постапка: Во подлабок сад ставете 10 г сув квасец (една кесичка), 200 мл млака вода и 2 супени лажици шеќер, па промешајте да се растопи шеќерот. Вака промешаната смеса оставете ја десеттина минути на топло да се запени квасецот и да се активира.
Во активираниот квасец додадете 200 мл масло на собна температура, 200 мл млако млеко и промешајте за да се изедначат состојките. Потоа постепено додадете 650 г брашно и 1 супена лажица сол. На почетокот може да мешате и со лажица, а на крај замесете со рака.
Убаво изработете го додека состојките да се соединат во убаво мазно тесто кое не се лепи за ѕидовите на садот. Оставете го покриено да стасува 90 минути, додека да го удвои својот волумен. Откако ќе стаса тестото истресете го врз набрашнета површина и премесете го.
Поделете го на две еднакви топки. Од секое парче со помош на оклагија развлечете голема тенка кора со дебелина од приближно 5 мм. Во 200 г полурастопен путер (растопен и изладен) додадете 2 жолчки и соединете ја смесата. Промешајте за да се соединат состојките.
Со половина од оваа смеса премачкајте ја едната кора преку цела површина (со другата половина – втората кора). Кората свиткајте ја но не како ролат, туку со диплење, така што на крајот да добиете долгнавест правоаголник со широчина од 4-5 прсти.
Малку притиснете со дланките за да се формира ролатот. Потоа со остар нож сечете ги “купус” кифлите цик-цак во вид на триаголници, со околу 2 мм широчина при врвот (погледни видео). Истата постапка повторете ја и со второто тесто. Вака приготвените триаголници редете ги во плех обложен со хартија за печење.
Оставете ги покриени на топло место да стасуваат половина час. Потоа премачкјате ги со разматените белки од јајце (на собна температура) и обилно наросете ги со сусам. Ставете ги да се печат во добро загреана рерна на 220 степени околу 25 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.