Кој ги пробал полнетите пиперки со павлака, знае колку се вкусни. Во секој залак се ужива. Во овој рецепт се користат исклучиво жолти пиперки сомборки кои може да бидат обични или лути, во зависност од вашиот вкус. Постапката е навистина доста едноставна:
Потребни се две седмици за пиперките да се закиселат и заедно со павлаката да го дадат единствениот и неповторливи вкус кој се памти. Потребни состојки: 1 кг пиперки сомборки, 1,5 кг кисели павлака 20% мм и 50 г сол. Постапка: Пиперките измијте ги, исчистете ги од семето и оставете ги да се просушат.
Потоа во секоја пиперка ставете по половина лажичка сол, па рамномерно распоредете по целата внатрешност. Оставете ги пиперките со отворот кон горе да отстојат преку ноќ. Следниот ден исцедете ги од течноста која ја пуштиле, па оставете ги да се исушат.
Потоа полнете ги со филот од павлака во која се промешале три супени лажици сол. На дното од садот, на пр. Кантичка со капак, ставете слој павлака, па редете ги полнетите пиперки, тесно една до друга. Малку притиснете ги, па премачкајте со нов слој павлака.
Повторете ја постапката додека имате пиперки. Одозгора премачкајте со павлака, целосно да бидат прекриени пиперките. Садот добро затворете го и оставете го да отстои во фрижидер две седмици, пред употреба. На интернет може да најдете повеќе видео рецепти за приготвување на пиперки во павлака, а го издвоивме овој како еден од подобрите.
За подготовка во овој рецепт се користат 3 кг пиперки. Потребни состојки: 3 кг пиперки – сомборки, 2 кг павлака со 20% м.м., малку сол, 600 г сирење Постапката погледнете ја во видеото ОВДЕ.
Коментар на Натка Талеска: “Јас ги правам на сличен начин само што претходно ги дробам пиперките. Ги наросувам со сол и ги оставам 2-3 часа за да ја испуштат течноста. Потоа ги мешам со сирење или урда со павлака, ги додавам и пиперките за да се соедини убаво. На крај се собира во тегли или во истите кутии од павлаката и се оставаат најмалку 10 дена да отстојат во фрижидер.
После се за мерак, кога ќе ги јадете можете да ги наросите со потпечен сусам, добиваат уште поубав вкус и неверојатен мирис. Пробајте не е тешко за подготвување, потребна е само волја а најмногу љубов, оти кога се зачинува со многу љубов тогаш се најслатки. Добар апетит, поздрав до сите, Наде”.
Прочитејте го и следниот рецепт: Вкусни пиперки полнети со сирење и павлака. Фотографија и рецепт на Емилија Бечиќ. За овој рецепт ќе ви бидат потребни жолти пиперки сомборки кои може да бидат и лути доколку ова јадење го сакате попикантно. Има повеќе начини за приготвување на овој деликатес.
Според еден начин, пиперките отстојуваат во солена вода, па се полнат со кисела павлака, според друг рецепт откога ќе се наполнат со долеваат со млеко и се члека млекото да се закисели… Ова е еден од побрзите и поедноставните рецепти, но се добива неповторлив вкус.
Потребни состојки: 2 кг пиперки, 2 кг сирење, 1 кг домашна кисела павлака. Постапка: Пиперките измијте ги, исчистете ги од семето и оставете ги да се просушат. Потоа во секоја пиперка ставете по половина лажичка сол, па рамномерно распоредете по целата внатрешност. Оставете ги пиперките со отворот кон горе да отстојат преку ноќ. Следниот ден исцедете ги од течноста која ја пуштиле, па оставете ги да се исушат.
Потоа полнете ги со филот од павлака и сирење кои сте ги помешале во блендер и сте додале сол. Полнетите пиперки редете ги во тегли, најпрво ставајќи од смесата на дното од павлаката. Од смесата ставајте и околу пиперките, пополнувајќи ги сите празни простори.
Теглите покривајте ги со газа или салветка. За побрзо да закиселат оставете некоја тегла на собна температура еден ден. Теглите се чуваат во фрижидер и откако ќе закиселат се затвораат со добро стегнати капаци.