Кифлички меки како душа – може да ги јадете во било кој период од денот, со салата, со било какво јадење – превкусни се… Според овој рецепт ги приготвувам кифличките веќе 30 години и досега ниеднаш немало промашување. Едноставно, одлични се. Фотографии и рецепт на Даница Данче Стојева.
Нашата драга членка и почитувана членка Данче Стојева ни го откри својот рецепт и постапката за приготвување на овие феноменални кифли во заедничката група НМД рецепти. На почетокот даден е основниот рецепт за приготвување на кифлите од 1 килограм брашно.
Под овој рецепт можете да прочитате и како се приготвува двојната доза доколку се подготвувате за празниците и потребна ви е поголема количина од истите. За да го приготвите тестото за овие кифлички ќе ви бидат потребни следните состојки:
1 кг брашно, 500 мл млако млеко, 1,5 лажица сол, 1 лажица шеќер, 150 мл масло, 1 коцка свеж квасец, 3 јајца од кои 2 жолчки се за мачкање, сусам за наросување и путер или маргарин за врз кифличките пред печење. Постапка за приготвување:
Во млакото млеко растворете го квасецот со една лажица шеќер и малку брашно. Убаво промешајте да нема грутчиња и шеќерот да се раствори, па оставете го на топло место за да се активира квасецот околу 10-15 минути.
Потоа додадете ги останатите состојки, маслото, две белки и едно цело јајце (претходно оставете ги барем еден час на собна температура), сол и со постепено додавање на брашното замесете мазно, помеко тесто кое не се лепи на раце.
Тестото удрете го 10-тина пати од работната маса, за да стане убаво еластично и нелепливо, па формираната топка покријте ја и оставете ја на топло место. Потребни се приближно околу 45 минути за да стаса тестото и да го удвои својот волумен. Од стасаното тесто кинете парчиња и формирајте мали топчиња.
Топчињата од тесто развлекувајте ги на намастена површина во овални, долги, тенки кори. Засекувајте ги од едната страна (види фото) и свиткајте ги во кифли. Вака наредените кифли редете ги во плех обложен со хартија и оставете ги 15-тина минути да одморат за да стасаат и малку да пораснат.
На овој начин ќе бидат уште повоздушести и меки како памук. Премачкајте ги со јајце (жолчките разматете ги со малку млеко или к.млеко), наросете ги со сусам и одозгора врз секоја кифла ставете мало парче путер/маргарин (види фото).
Вака приготвените кифли ставете ги во претходно добро загреана рерна, да се печат околу 15-20 минути на 200 степени или печењето прилагодете го според вашата рерна. Печените кифли кога ќе заруменат извадете ги од рерната и покријте ги со пешкир или памучна крпа додека да се изладат и омекнат од сопствената топлина.
За да се приготви ДВОЈНА ДОЗА – ќе ви бидат потребни следните состојки: 2 кг брашно+200-300 г за размесување, 3 лажици сол, 1 литар млеко, 300 мл масло, 6 јајца (од нив 3 жолчки се за мачкање), 2 коцки квасец претходно активиран во 100 мл млака вода, 1,5 лажица шеќер, маргарин за врз кифлите и сусам за наросување.
Постапка: Се замесува тестото како што е претходно опишано и се остава да стасува еден час. Потоа од него се прават мали топчиња и на намастена работна површина се развлекуваат долгнавести кори, се расекуваат по должина 3-4 пати и се виткаат во кифли.
Кифлите се редат во плех, се оставаат малку додека да се заврши целото тесто, па се премачкуваат со жолчка и се наросуваат со сусам. Се печат 20-тина минути на 180 степени во рерна со вентилатор. / Фотографија и рецепт на Даница Данче Стојева.