Рецепт и видео презентација на CooKing – Најсочниот посен колач. Многу вкусен, сочен и неодолив колач со јаболка и гриз. Не е “тежок”, напротив, многу е лесен за јадење, се топи во уста и мириса преубаво. Се мери со шолја од 200 мл.
Потребни состојки: 3 шолји рендани јаболка, 1 шолја гриз, ½ шолја шеќер (а може и помалку ако се благи јаболката, по вкус), 10 г ванилин шеќер (една кесичка), ½ шолја масло, ½ шолја вода, 1 лажичка прашок за печиво или сода бикарбона, цимет во прав.
За глазура ќе ви бидат потребни следниве состојки: 100 г посно чоколадо, 3 лажици масло, лебни трошки за наросување во тепсијата или брашно.
Постапка: јаболката убаво измијте ги, излупете ги, а потоа изрендајте ги. Во подлабок сад ставете една шолја гриз, три шолји рендани јаболка, половина шолја шеќер, една кесичка ванилин шеќер, една лажичка прашок за печиво или сода бикарбона и цимет по вкус.
Уште додадете шоловина шолја вода и половина шолја масло. Состојките убаво измиксајте ги со миксер додека да се изедначат во убава речиси мазна смеса. Калап со пречник од 24 см намастете го со малку масло и наросете го со лебни трошки или брашно.
Потоа рамномерно распоредете ја приготвената смеса и убаво израмнете одозгора. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 40 минути. Проверете со чепкалка дали е готов колачот. Печениот колач оставете го малку да подизлади додека ја приготвувате глазурата.
За да ја приготвите глазурата ќе ви биде потребно 100 г посно чоколадо за готвење искршено на коцки и три лажици масло. Садот со чоколадото можете да го згреете во микробранова печка или на рингла на тивок оган, но најдобро е да го растопите на пареа.
Садот ставете го врз тенџере во кое врие вода, па мешајте додека чоколадото целосно да се растопи и соедини со маслото во сјајба течна глазура. Излејте ја рамномерно врз колачот и оставете да се стегне. Потоа сечете и послужете. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.