Изумителите чекаат зелено светло од надлежните за да започнат со масовно производство.
Спрејот за нос за кој се тврди дека штити од инфекција со новиот вирус до 48 часа, наскоро би можел да биде достапен.
Супстанциите кои веќе се одобрени за човекова употреба се употребени во комбинација за приготвување на спрејот, а лабораториските студии покажуваат дека тој ја инхибира способноста на kopoна вирусот да се закачи за човековите клетки.
Спрејот е направен од две главни состојки, полисахаридните полимери карагенан и гелан, кои се користат во прехрамбената индустрија како средства за згуснување.
Бидејќи состојките веќе се одобрени за човекова упореба, творците велат дека производот е спремен за употреба штом британските власти дадат зелено светло.
-Спрејот е направен од лесно достапни производи кои веќе се користат во прехрамбени производи и лекови, објасни водечкиот автор на овој производ д-р Ричард Моукс од Универзитетот Бирмингем.
-Тоа значи дека со вистински партнери би можеле да отпочнеме со масовно производство во рок од неколку седмици.
Геланската полисахаридна компонента овозможува спрејот да се даде во облик на фина магла која ќе ја прекрие целата внатрешност на носот.
Ако спрејот дојде во контакт со вирусот, тој ќе го “зароби”, затвори и исфрли со голтање или дување на носот.
Истражувачите кои стојат зад проектот на Универзитетот во Бирмингам велат дека спрејот би можел посебно да биде корисен во ризични ситуации – во болница, во авиони или училници.
Во ситуации кога ризикот од пренос е висок, научниците предвидуваат употреба на спреј заедно со веќе постоечките мерки, како социјална дистанца и маски за лице.
-Производите како што е овој не ги заменуваат постоечките мерки како што е носење на маска и миење раце, што и натаму ќе биде од витално значење за спречување на ширење на вирусот – додава д-р Моукс.
Она што овој спреј го прави уште поефикасен, е дополнителниот слој заштита за да се спречи и успори преносот на вирусот.
Д-р Симон Кларк, вонреден професор за клеточна микробиологија на Универзитетот во Реадинг, за Дејли мејл даде онлајн изјава:
-Некои луѓе користат слични назални спрејови за настинка, но се потпираат на тоа дека навремено ќе ги забележат симптомите. Се чини дека koвид предизвикува симптоми дури откако вирусот ќе стигне до белите дробови; спрејот нема да стигне толку далеку низ респираторниот тракт во било која значителна количина.
-Останува да се види како би можел најдобро да се искористи, доколку се покаже како ефикасен. Можеби ќе биде потребна постојана употреба за да се спречи инфекцијата.
Научниците од Стенфорд имаат слично мислење како и академиците во Бирмингем, а исто така, во процес се на создавање на превентивен спреј за нос.
Но, наместо да користат одобрени соединенија кои се применуваат во прехрамбената индустрија, тие користат пилешки антитела земени од нивните јајца.
Пилињата создаваат антитела на инфекции исто како и луѓето, а хемикалиите за борба против инфекција исто така се наоѓаат во високи концентрации во нивните јајца.
Меѓутоа, додека академиците кои стојат зад проектот се наклонети кон потенцијалната употреба, другите се сепак скептични.
-Тоа би можело да има некаква корист, ако се претпостави дека луѓето се заразуваат само преку нос.