Домашните уштипци или балончиња се многу вкусни, а с приготвуваат без јајца и млеко, па доколку постите може да ви бидат одличен појадок или вечера.

Со брашно, вода и квасец ќе добиете вкусен оброк или десерт, во зависност од тоа дали ќе одлучите да ги наросите со шеќер во прав или да ги премачкате со мед или џем. А може да ги јадете и со ајвар, сирење, јогурт…затоа што имаат неутрален вкус.

Рецепт и видео презентација на “Да готвиме лесно”: Посни уштипци.

Потребни состојки:

400 г брашно
250 мл млака вода
20 г свеж квасец
1 рамна лажичка шеќер
1 рамна лажичка сол
масло за пржење

Постапка:

Квасецот издробете го во 250 мл млака вода, додадете лажичка шеќер и добро промешајте за да се раствори. Во подлабок сад ставете го брашното, направете вдлабнување па во него ставете го растворот со квасецот и оставете 10-тина минути за да се активира. Солта наросете ја во брашното, на страна (не во квасецот, за да не го стопира активирањето).

Потоа замесете го тестото кое треба да биде меко и да се одвојува од страните на садот (малку лепливо за рака). Месете го тестото без многу притискање, за да може да се наполни со воздух (погледни видео). Потоа покријте го со проѕирна фолија и оставете го на топло да стасува околу половина час додека да се удвои.

Стасаното тесто истресете го на добро набрашнета работна површина и премесете го малку. Потоа со помош на оклагија развлечете го во кора со дебелина од приближно 5 мм, сечете правоаголници (оваа форма најмногу одговара, бидејќи најбрзо и најубаво се пржат).

Исечените правоаголници покријте ги со памучна крпа и оставете ги да одморат 10 минути. Потоа пржете ги во умерено загреано масло. Спуштајте ги во маслото со страната која била нагоре. Кога ќе заруменат од двете страни вадете ги во чинија со хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.