Потребни состојки:

За тесто:

200 г меко брашно

200 мл топла вода

Лажичка сол

Масло по потреба

ФИЛ:

2 поголеми главици црвен кромид

400 г мешано мелено месо од УКА Комерц

800 г компир

1 мала павлака за готвење со вкус на пармезан (може и друго)

Зачини: сол, вегета, бибер, малку мелена црвена пиперка


ПОСТАПКА:

1.За еден час од моментот кога ќе започнете со правењето на домашната пита, можете да имате зелник или сирењак на трпезата, бидејќи приготвувањето на филот е многу едноставно.

Филот можете и сами да го приготвите по сопствен вкус.

2.Постапка за приготвување на кората за пита:

За искусни домаќинки потребни се околу 200 г брашно и 200 мл млака вода и прстофат сол, за да се замеси кората. Почетниците може да користат и малку повеќе.

3.Измерете го брашното, додадете исто толку топла вода во милилитри, посолете и измешајте со вилјушка.

Кога тестото ќе започне да се одвојува од вилјушката, поросете уште малку брашно па замесете со рака, додека да добиете мазно тесто кое не се лепи на раце.

За почетниците, да нема двоумење, тестото може да биде и потврдо замесено, но затоа ќе треба после малку подолго да почекате за постапката на изработка.

Важно е тестото да го премесите 10-тина пати, за да може структурата на тестото да биде покомпактна.

4.Добро намачкајте го со масло и оставете малку да одмора.

5.Во меѓувреме пригответе фил:

Издинстајте го кромидот ситно исечкан, додадете мелено месо, а подоцна и компир ситно исечкан на коцки, посолете, додадете лажичка – две веѓета и малку запиперете. Кога филот е издинстан, тргнете од оган и измешајте една мала павлака за готвење.

6.Вклучете ја рерната на 250 степени.

7.После 5-10 минути одморање, време е тестото да се премеси, но овој пат со масло. Значи, на чинијата каде го оставивте да одмора, провлечете ги прстите и месете од краевите кон средината, во круг.

Месете така, заедно со маслото, се’ додека кората да стане малку потврда и пожилава. Ќе ви се чини дека од неа ништо нема да можете да направите – но не се грижете – на добар пат сте!

Повторно добро премачкајте со масло од сите страни и оставете уште малку да одмори. Ќе забележите дека текстурата сега е помазна.

За тоа време пригответе ја масата за влечење на кората. Потребен ви е чист чаршав, кој потоа ќе го поросите со брашно по целата површина (за да не се лепи кората).

9.Потоа кората ставете ја на средина од масата.

Побрашнете ја, протријте малку со раката по површината од тестото. Исто така, со брашното протријте ја и оклагијата, за да не се лепи, па лесно започнете да ја развлекувате кората што потенко.

Додека работите со оклагијата, помагајте си со повремено поросување со брашно.

10.Кога сте задоволни со постигната величина на кората, поросете со масло и лесно, со кружни движења на прстите- маслото размачкајте го по целата површина и кон краевите, да биде рамномерно. Не штедете на масло, но немојте да истурите и премногу. Од ова зависи како кората ќе се развлече.

И оставете времето да работи за вас…

11.Оставете така премачкано со масло околу 5-10 минути, токму колку што е потребно за да ги измиете рацете од маслото и да го приготвите плехот: намастете го, донесете го приготвениот фил и вратете ја оклагијата и брашното, бидејќи повеќе нема да ви бидат потребни. Полека и без брзање.

12.Потоа вовлечете ги сувите и чисти раце до средината на кората и со лесно движење повлечете ја кон себе (т.е.кон ивицата на масата).

И така полека, кружејќи околу масата, повлекувајте ја кората од средината кон краевите, добивајќи тенка кора.

13.Доколку краевите останат подебели – можете да ги отсечете.

Кога сте задоволни со постигнатото, малку намастете ја кората од крајот на масата, во ширина од 10 см (многу тенок слој масло) и нанесете фил. Потоа краевите лесно префрлете ги преку филот, и користејќи го чаршавот – завиткајте пита, онолку колку што е потребно за да го покриете целиот распореден фил.

Со нож одвојте ја добиената пита, свиткајте ја или отсечете и редете на плех.

Потоа повторно, таму каде што сте пресекле со нож, намастете во ширина од 10 см, на таа ширина повторно распоредете фил. Повторно свиткајте користејќи се со чаршавот…

14.Оваа една кора која што ќе ја развлечете преку целата маса, доволна е за еден голем плех од рерна.

15.Питата во плехот повторно малку поросете ја со масло за да не биде сува и ставете ја во загреана рерна. Печете околу 20-тина минути до половина час, или додека убаво да порумени.

Печената пита извадете ја од рерна и покријте ја со чиста крпа.

16.Исто така можете да ја премачкате и со измешана посолена павлака, па да ја вратите во рерна да се запече.

17.Ако сакате да запечете сирењак, тогаш задолжително додадете и едно јајце и малку сирење, па заедно со павлаката изматете и прелијте преку питата.