Фото и рецепт: Ленче Гогова – Струмичка пинерлија.
Рецептот за ова традиционално јадење со одличен и единствен вкус ни го претстави нашата драга членка Ленче Гогова во групата НМД рецепти.
Ова е една прекрасна месена пита која е традиционална за струмичкиот крај. Секое семејство во Струмица си има свое име за оваа пита: пинирлии, пенирлии, пејнирлии… и редовно се приготвува, затоа што не само што е брза и лесна, туку има и единствен неодолив вкус.
Тоа всушност е еден вид сирењак, пита налик на фокача која се прелива со јајца и сирење. Потеклото на оваа пита, како и голем број други рецепти од Струмица водат корења од дојранскиот крај.
Она што е многу важно кај оваа пита е тоа што не треба да биде висока како леб, туку тенка како пица, неколку см.
Потребни состојки:
700 г брашно
1 квасец
1 мала лажичка шеќер
150 мл масло
1 мала лажичка сол
200 мл млако млеко
200 мл млака вода (по потреба)
За фил:
6 јајца
400 г сирење
100 мл масло или помалку
сол по потреба
Постапка:
Квасецот разматете го во малку млака вода и лажичка шеќер, па оставете го да се активира и запени. Брашното просејте го, но не го употребувајте веднаш целото, туку на почетокот околу 500-600 г, па остатокот додавајте го постепено, по потреба.
Додадете ги сите останати состојки во брашното, малку млако млеко, вода по потреба и замесете меко тесто. Кога добро ќе се измеси, тестото развлечете го директно во плехот од рерна (или со средна величина, по ваш избор), претходно добро намастен со масло или путер. Со дланките убаво распоредете го тестото според формата на плехот. Покријте го и оставете го да стасува.
Кога убаво ќе стаса направете венче околу (за да не се излеваат јајцата кога ќе ги истурите внатре), а и со прстите направите дупчиња за да може филот убаво да навлезе во тестото. Вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени.
Изматете ги јајцата, а ако плехот ви е поголем, може да ставите и повеќе јајца. Додадете издробено сирење, сол и масло. Филот распоредете го врз тестото.
Се пече околу 25 минути, но тоа зависи од рерната, сами одлучете кога е готово според бојата. После неколку минути откако ќе ја извадите питата, може да ја сечете во форми по желба. Се послужува со кисело млеко или јогурт за оброк, а може и како мезе.
Фото и рецепт: Ленче Гогова