Фото и рецепт: Верица Николиќ – пита со тиква.
Вистински рецепт за обожавателите на тиквата. Порано не можеше да се замисли есен без слатка пита од тиква… Па доколку сакате да се вратите во убавите спомени од детството, запишете си го овој рецепт и направете го, ќе бидете воодушевени. Пита која сигурно ќе ви се допадне…
Потребни состојки:
500 г тенки кори за пита
100 г путер
100 мл масло
За сува смеса:
5 лажици гриз
10 лажици шеќер
1 лажичка цимет
150 г мелени ореви
за смеса со тиква:
1 кг исчистена и изрендана тиква
3 лажици шеќер
1 кесичка ванилин шеќер
За сируп:
300 г шеќер
300 мл вода
Постапка:
Прво пригответе ја смесата со тиквата. Изренданата тиква заедно со шеќерот и ванилата ставете ги во подлабок сад и промешајте. Потоа ставете на оган, на средна температура динстајте додека тиквата да омекне и да испари течноста. Тргнете од оган и оставете да се олади.
За сува смеса: Во соодветен сад ставете гриз, шеќер, цимет и мелени ореви. Промешајте сите состојки да се соединат.
Во помал сад ставете го путерот и маслото. Ставете на тивок оган да се растопи и соедини со маслото. Корите поделете ги за пет ролати, би требало да има 15 кори, по три кори за секој ролат.
Редење на питата: На работна површина раширете една кора, испрскајте ја со мешавината од путер и масло и наросете со две полни лажици од сувата смеса. Одозгора ставете втора кора, повторете ја постапката и поклопете со трета кора. И неа испрскајте ја со маснотија, ставете две лажици сува смеса и распоредете една петина од филот со тиква.
Ивиците од корите само малку свиткајте ги кон внатре за да се се излева филот, па свиткајте го ролатот. Приготвените ролати редете ги во плех претохдно намастен. Исечете на парчиња, по желба. Прелијте одозгора со остатокот од маснотијата и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени. Печената пита извадете ја и оставете ја на страна да се олади.
За сируп: Во подлабок сад ставете шеќер, прелијте со вода, па ставете на оган. Повремено промешајте шеќерот да се растопи. Од моментот на зовривање варете на средна температура (поклопено) 10 минути.
Ладната пита прелијте ја со врелиот сируп и оставете питата да го впие целиот сируп и на собна температура да се олади. Ставете ја питата во фрижидер, најмалку еден час, па послужете.
Фото и рецепт: Верица Николиќ