Рецепт и видео прилог на Погледни како се готви (Cooking See) – Швајцарски ролат

Ова е најдобро објаснетиот рецепт за приготвување на совршен ролат. Ролатот е мек и пуфкаст, многу вкусен и декоративен.

Потребни состојки:

Калап: 39х29х4,5 см
5 жолчки
1 прстофат сол
50 г шеќер
90 г брашно за торти (со 7-9% протеин/глутен)*
½ лажичка прашок за печиво (2 г)
50 мл масло
50 мл млеко
5 белки + 70 г шеќер

Постапка:

*Ако немате “брашно за торти” кое се разликува од сенаменското по тоа што е пофино, побело и полесно и содржи помалку глутен, тогаш од обичното брашно ( од една шолја (250 мл) одземете 2 лажици и додадете 2 лажици пченкарно брашно. Промешајте и ќе добиете речиси идентично на американското “cake flour”.

Одвојте ги белките од жолчките. Во жолчките ставете прстофат сол и пенасто изматете ги со 50 г шеќер, додека да побелат и да се згуснат. Посебно изматете ги белките (со чисти и суви маталки), па откако ќе се згуснат постепено додадете 70 г шеќер (на трипати) и матете додека тој да се растопи и да добиете цврст и сјаен снег. Многу е важно и жолчките и белките посебно да се изматат добро и да го зголемат волуменот.

Во снегот од белки додадете ги изматените жолчки, па внимателно со шпатула мешајте од долу нагоре, внимавајќи смесата да остане воздушеста. Вака мешајте со превртување додека да се изедначат. Во пуфкасто изматената смеса додадете 90 г просеано брашно и 2 г прашок за печиво. На ист начин мешајте со протресување додека да се изедначат состојките.

Во еден сад измешајте 50 мл млеко и 50 мл масло, па додадете малку од тестото (1-2 лажици) и промешајте додека да се изедначат. Потоа оваа смеса излејте ја во тестото и промешајте. Смесата излејте ја во обложен калап (39х29 см) со хартија и израмнете. Неколку пати потчукнете го плехот од масата за да излезат воздушните меурчиња. Ставете да се пече во загреана рерна на 170 степени околу половина час.

Кога е печена кората, плехот повторно потчукнете го неколку пати кога ќе го извадите од рерната. Извадете ја кората на решетка, поклопете ја со друг лист хартија, превртете ја и отстранете ја хартијата на која се печеше. Засечете ги краевите од долгата страна за да бидат рамни, а едната страна (од пократката) засечете ја дијагонално за да се свитка убаво ролатот (погледни видео).

Преку целата површина премачкајте тенок слој од овошен мармалад или мед. Со помош на хартијата внимателно завиткајте го ролатот, а виткањето завршете го со дијаголно потсечениот крај. Вака завиткан оставете го отстои еден час во фрижидер, а потоа можете да го сечете. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: