Рецепт и видео презентација: Мои Домашни рецепти

Омиленото јадење и на млади и на стари: пита бурек со тегнети кори. После одличната презентација на Мои Домашни Рецепти, повеќе нема тајни – секој може дома да си го приготви ова вкусно јадење.

Потребни рецепти:

600 г брашно
1 лажица сол
450 мл вода на собна температура

за премачкување:

150 г растопен путер/маргарин
100 мл масло

за фил:

300 г урда
2 јајца
4 полни лажици кисела павлака

Постапка:

Во брашното додадете една лажица сол и со 450 мл замесете тесто кое не смее да биде ниту претврдо, ниту премеко. Тестото се меси 10 минути на миксер со специјални продолжетоци или добро рачно се изработува.

Не треба да се одмора, туку веднаш откако ќе се измеси се дели на пет еднакви парчиња од кои потоа се формираат топчиња.

На многу тивок оган или во микробранова печка се растопува 150 г путер/маргарин и се меша со 100 мл масло. Во оваа смеса кратко се потопува секое топче, убаво да се обложи од сите страни. Вака намастените топчиња се оставаат да одморат 10 минути.

Потоа секое топче се развлекува во кора со големина од мала чинија, и се става врз поголема чинија претходно намастена со смесата од путер и масло. Корите се редат една врз друга во чинијата и секоја се премачкува со смесата. Се покриваат со проѕирна фолија и се оставаат да одморат уште 20 минути. за тоа време си приготвува филот.

За фил: Во подлабок сад измешајте 300 г урда, две јајца и четири лажици кисела павлака. Мешајте со лажица додека да добиете кремаста изедначена смеса.

Тегнење: врз работна површина прекриена со чаршав, ставете една кора и започнете внимателно да ја растегнувате започнувајќи од краевите. Кората ќе биде еластична и многу лесно ќе се тегне. Истегнаата кора треба да биде проѕирна.

Врз цела површина рамномерно распоредете фил, а одозгора наросете од смесата со путер и масло. Со подигнување на чаршавот виткајте ја кората во тенка ролничка, а пресечете кога ќе ја постигнете посакуваната дебелина. Од една кора ќе добиете три тенки ролнички.

Првата ролничка свиткајте ја како полжав и ставете ја во средината од тепсијата, претходно намастена со масло и путер. Потоа надоврзувајте се на неа и виткајте ги ролничките во круг. Повторувајте ја постапката со сите преостанати кори.

Бурекот-пита ставете го да се пече во добро загреана рерна на 250 степени, околу 20 минути. од оваа количина излегуваат две пити. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: