Рецепт и видео прилог на Том Филос
Тавче гравче е македонски специјалитет надалеку прочуен по својот вкус и мирис. Овојпат погледнете како се приготвува од рацете на врвниот готвач Том Филос.
Потребни состојки: 500 г грав, 1 чаша чај од нане, 2 главици кромид, 2 големи пиперки, 6 димени колбаси по избор, 1 црвен голем домат, сол, црн пипер во прав, мелен сув зачин, грубо мелена и фино мелена црвена зачинска пиперка
Постапка: Гравот закиснете го во околу 2 литри ладна вода и оставете го да го преноќи под капак. Следниот ден излејте ја водата и додадете нова.
Поклопете и ставете на оган. Штом зоврие тргнете го капакот, оставете уште некоја минута да врие, па и таа вода исфрлете ја. Потоа по третпат додадете нова вода и чај од нане, па оставете да се вари на умерен оган додека не биде готово. Гравчето цело време треба да крчка полека.
Во вок тава (или каква имате) на малку загреано масло пропржете ситно сечкан кромид и две пиперки. Три колбаси исечкајте ги на тркалца, па и нив додадете ги да се запржат заедно со кромидот и пиперките.
Доматот исечкајте го на коцки и додадете го пред крајот на пржењето. Промешајте и оставете да крчка уште неколку минути. потоа со решеткаста лажица црпете го гравот и додадете го во пржениот зеленчук. Зачинете со црн пипер во прав, сол по вкус, мелен сув зачин, грубо мелена и фино мелена црвена зачинска пиперка.
Промешајте внимателно за да се сочуваат цели зрната, без гмечење. Целата содржина истресете ја во земјена тава претходно намастена со малку масло. Одозгора прелијте со околу три кутлачи од течноста во која се вареше гравот.
Ставете го во загреана рерна на 200 степени да се пече еден час. После еден час одозгора ставете три колбаси и вратете во рерна да се допече уште половина час. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: