Рецепт и видео презентација на Том Филос.

Традиционално македонско јадење кое се приготвува во Битола, Прилеп, Кичево и други градови ширум Македонија. Се послужува топла со парче сирење и кисело млеко или јогурт.

Потребни состојки:

700 г брашно
10 г сув квасец+1 лажичка шеќер+50 мл вода
1 лажица сол
450 мл млака вода
250 г маргарин/путер за премачкуавање

За фил:

500 г млад кромид
500 г сирење
2 јајца

Постапка:

Најпрво пригответе го филот: На загреано масло пропржете 500 г млад кромид исечкан на тркалца. Пржете го неколку минути додека да омекне. Оставете го на страна да излади, па соединете го со половина килограм бело издробено сирење. Во смесата додадете и две јајца за да се поврзат состојките.

Во поголем сад за месење ставете 700 г просеано брашно и 10 г сув квасец (доколку користите свеж квасец, тогаш растворете го малку млака вода, со лажичка шеќер и брашно, па оставете на топло да се активира 10-тина минути).

Во брашното додадете 1 лажица сол, па постепено започнете да додавате 450 мл млака вода, односно по потреба. Месете го тестото со миксер кој има специјални продолжетоци или измесете го рачно додека да добиете мазно и еластично тесто кое не се лепи на раце.

Потоа поделете го на два дела, од кој едниот да биде поголем од другиот дел. Коцка путер од 250 г поделете ја одокативно на три делови.

Со оклагија развлечете ја едната топка тесто. Кората премачкајте ја преку целата површина со една третина од путерот. Потоа засечете ја со зраци, па диплете ги парчињата едно врз друго, како за лиснато тесто (погледни видео). Тестото оставете го 15 минути во фрижидер да се стегне.

Истата постапка повторете ја и со второто тесто, па и него оставете го 15 минути во фрижидер откако добро ќе го спакувате.

Плехот од редна намастете го со малку масло. На добро набрашнета површина развлечете ја поголемата кора со помош на оклагија. Кората треба да биде нешто поголема од плехот во кој ќе се пече. Нанесете го филот од сирење и млад кромид, па одзгора нанесете ја кората од помалото тесто. Направете витки од долната кора, а одозгора премачкајте со преостанатиот путер.

Ставете да се пече во добро загреана рерна на 230 степени околу половина час или додека убаво да зарумени. Печениот зелник покријте го со крпа неколку минути (15-20 мин) додека да подизлади. Потоа сечете го и послужете го. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: