Фото и видео прилог на Том Филос.

Постапката е едноставна, сите состојки се мешаат и се замесува тесто кое е потребно да се остави да стасува. Потоа се развлекува кора, се сечат перничињата и се пржат во врелото масло. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото под пишаниот рецепт.

Потребни состојки:

400 г брашно
200 мл млеко
1 јајце
10 г сув квасец (1 кесичка)
1 лажичка сол
1 лажица шеќер

Постапка:

Сите состојки кои ќе ги користите за изработка на тестото нека бидат на собна температура. Во поголем сад за матење ставете 400 г брашно, 200 мл млеко, едно јајце, 10 г сув квасец, 1 лажичка сол и 1 лажица шеќер.

Замесете тесто со помош на миксер со специјални продолжетоци или рачно. Тестото треба да не се лепи на рака, па оставете го во намастен сад и покријте го со проѕирна фолија. Околу еден час е потребно да стасува на собна температура, за да ја удвои својата величина.

Стасаното тесто истресете го на работна површина и премесете го. Потоа малку наросете го со брашно и со помош на оглагија развлечете тенка, правоаголна кора. Од кората сечете коцки или правоаголничиња, па редете ги врз малку набрашнета површина и оставете ги неколку минути да одморат додека се загрева маслото.

Спуштајте ги во умерено загреаното масло со страната на која лежеле и пржете ги неколку минути од двете страни додека убаво да заруменат. Вадете ги врз чинија обложена со хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото на Том Филос: