Рецепт и видео презентација на Том Филос

Дознајте како се приготвува најдоброто лиснато тесто, признато во светот. Од него може да се приготвуваат солени или слатки печива, а овојпат врвниот мајстор Том Филос ни приготви лиснат ролат со спанаќ и сирење.

Потребни состојки:

700 г брашно
1 лажица сув квасец
1 лажица шеќер
1 лажичка сол
200 мл млеко
100 мл масло

за фил:

800 г спанаќ
200 г сирење
1 јајце
за премачкување на корите: растопен путер со малку масло
за премачкување одозгора: 1 жолчка + 2-3 лажици млеко

Постапка:

Во поголем сад ставете 700 г брашно, една лажица сув квасец, 1 лажица шеќер и 1 лажичка сол. Промешајте и постепено додадете 200 мл млако млеко и 100 мл масло.

Мешајте со миксер за тесто или рачно изработете го тестото додека тоа да стане мазно и да не се лепи на рака. Тестото малку намастете го, покријте го со проѕирна фолија и оставете го да стасува 60 минути на собна температура.

За тоа време пригответе го филот: спанаќот исчистен и измиен ставете го кратко да се подвари во зовриена вода, колку да омекне. Вадете го со решеткаста лажица и оставете да излади. Потоа измешајте го со 200 г ситно сирење. Додадете и едно јајце за да се поврзат состојките.

Стасаното тесто кратко премесете го и поделете го на 4 дела. Од секој дел развлечете кора со помош на оклагија и преку целата површина премачкајте ја со растопен путер помешан со малку масло. Тестото преклопете го како што е прикажано во видеото и после секое преклопување премачкувајте со путерот. Кога на крај ќе добиете коцка, истата спакувајте ја во новоразвлечената кора. На тој начин на крај ќе добиете 2 пакетчиња теста (погледни видео за начинот на диплење на тестото).

Добиените пакетчиња тесто развлечете ги на набрашнета површина и врз кората наредете фил од спанаќ и сирење. Свиткајте во ролат.

Вака приготвените ролати ставете ги во плех обложен со хартија. Одозгора премачкајте ги со изматена жолчка и малку млеко, па ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 20 минути, додека убаво да заруменат одозгора. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото: