Фото и рецепт: Марија Миленовиќ

Кокос тортата е вид варијанта на Баунти торта. Се приготвува многу лесно. За подлога се мешаат сите состојки, а кремот од кокос се вари како пудинг, па на крај се прелива со ганаш глазура. Потребно е само 1-2 часа да се олади и во фрижидер и може да се послужи.

Потребни состојки:

300 г мелени бисквити
5 лажици какао
2 лажици шеќер во прав
100 г чоколадо за готвење
60 г путер/маргарин
160 мл млеко

За фил:

1 литар млеко
4 пудинг со вкус на слатка павлака или ванила
12 лажици шеќер
250 г путер/маргарин
300 г кокос
1 ванилин шеќер

за ганаш:

500 мл слатка павлака
270 г темно чоколадо

Постапка:

За кора: Соединете ги сувите состојки, па додадете растопен путер и чоколадо растопена на пареа. При крајот соединете го и млекото. Добиената смеса распоредете ја на дното од калап со обрач со пречник 28 см. Ставете во фрижидер додека се приготвува филот.

За фил: Одвојте 200 мл млеко од еден литар, па растворете го прашокот од 4 пудинзи. Остатокот од млекото (800 мл) загрејте до вриење со 12 лажици шеќер и ванилин шеќер.

Потоа тргнете од оган или намалетет ја температурата, па постепено додадете ја смесата со пудинг и мешајте постојано додека да згусне. Тргнете го на страна, покријте го со проѕирна фолија и оставете целосно да излади.

Пенасто изматете го путерот, па кога пудингот ќе биде млак, додавајте лажица по лажица од путерот и матете со миксер. На крах додадете го кокосот и со лажица промешајте за да се изедначи. Филот рамномерно распоредете го преку кората и вратете во фрижидер додека да се свари ганашот.

За ганаш: Загрејте ја слатката павлака до зовривање и веднаш тргнете од оган. Додадете го чоколадото искршено на коцки и мешајте додека да се растопи и соедини во мазна смеса. Малку оставете да излади па прелијте го преку тортата и вратете ја во фрижидер. Јас ја сечев после два часа, беше убаво стегната.

Фото и рецепт: Марија Миленовиќ