Ако сте љубители на лути пиперчиња, еве еден начин како да ги оставите за зимница. Ова е старински рецепт кој многу ќе ви се допадне, го приготвувала баба ми.
Таа користела салицил (кој сега е исфрлен од употреба) наместо конзерванс, а наместо винобран ставала листови од вишна кои ја спречувале ферментацијата.
Потребни состојки:
4 кг домати
500 г феферони (лути пиперчиња)
150 г сол
1 китка магдонос
½ кесичка црн пипер во зрно 10 г
1 винобран 10 г
1 конзерванс
* Ако одбегнувате конзерванс, тогаш теглите/шишињата пастеризирајте ги во рерна.
Постапка:
Зеленчукот убаво измијте го под млазм ладна вода. Во поголемо тенџере ставете ги лутите пиперчиња на кои претходно сте им ги остраниле петелките.
Од доматите отстранете ги тврдите делови од петелката и исечете ги на парчиња кои можат да влезат низ отворот на шишињата. Ставете ги и нив во тенџерето.
Магдоносот ситно исечкајте го, па и него додадете го во зеленчукот. Одозгора наросете околу 100-тина грамови, па промешајте и додадете уште, по вкус. Додадете исто така и црн пипер во зрно, околу 10 г или повеќе, 1 кесичка винобран и 1 кесичка конзерванс. По вкус може да додадете и други ароматични билки.
Сите состојки убаво измешајте ги со раце за да се изедначат состојките и да се растопат сувите состојки. Поклопете и оставете неколку часови за да се отпушти сокот од доматите.
Потоа зеленчукот полнете го во стерилизирани шишиња или тегли. Од оваа количина добив 5 шишиња од 1 л. Течноста од доматот процедете ја и налијте по малку во шишињата за да се пополни.
Шишињата покријте ги со крпа и оставете ги 24 часа за да заврши вриењето на доматите, па потоа затворете ги со капаци. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: