Со едноставни трикови можете да препознаете дали сте купиле лажен кашкавал, а најдолу под текстот можете да го прочитате рецептот за приготвување на домашен кашкавал. Рецептот е одличен и едноставен, а добивате феноменален производ.

Честопати од незнаење или од навика, во продавница за секој кашкавал што е спакуван во фолија велиме дека тој е вистинки производ. Меѓутоа, доколку прашаме, продавачот ќе нè поправи и ќе ни објасни дека тоа не е кашкавал, туку некој вид на тврдо сирење. Сè до следниот пат ние не се грижиме за тоа или пак забораваме за каков вид на млечен производ станува збор и посегнуваме по нешто, за кое мислиме дека е кашкавал.

Постојат начини да се препознае дали кашкавалот е вистински или не, а под вистински, не се мисли на тоа дека е произведен по оригинален рецепт, туку дека навистина, како што треба, е добиен од млеко.

Кашкавалот е посебен вид тврдо сирење и се добива од овчо, кравјо млеко или мешавина од двете. Може да се добие и од козјо млеко, чисто или мешано со кравјо. Меѓутоа, прехрамбената индустрија често знае да “подметне”.

За да се добие еден килограм кашкавал, потребни ни се околу 5 литри млеко. Како и секоја друга намирница и кашкавалот и неговото производство подлежат на разни проверки и мора да поминат низ разни тестови, па дури тогаш да се најдат пред потрошувачите.

КАКО ДА СЕ ПРЕПОЗНАЕ ФАЛСИФИКУВАН КАШКАВАЛ?

Допрете го кашкавалот, а потоа добро погледнете го: палминото масло му дава на кашкавалот силно жолта боја, додека бојата на вистинскиот кашкавал не е толку интензивна. Исто така, кашкавалот на кој му е додадено палмино масло секогаш е помек на допир од оној вистинскиот.

Тестирањето на кашкавалот може да се спроведе и со разладен нож. Кашкавалот се остава на собна температура, а ножот во фрижидер. Ако при сечењето на ножот се задржи маснотија, кашкавалот е веројатно факсификуван, бидејќи за разлика од млечната, билната маст се топи на собна температура.

Најсигурната проверка е загревање на кашкавалот во рерна. Правиот кашкавал ќе се растопи по површината и ќе стане растеглив, додека фалсификуваниот буквално ќе се стопи и ќе исчезне.

РЕЦЕПТ ЗА ДОМАШЕН КАШКАВАЛ

Фото и рецепт: Рада Врбљанац

Овој кашкавал е превкусен, вистински деликатес. Нема никакви конзерванси, вештачки бои и вкусови, па затоа рокот му е околу 3-4 дена чуван во фрижидер, но никогаш не останува толку, бидејќи веднаш го изедуваме. Ова е деликатес, не е рецепт за оригинален кашкавал, туку адаприран, па затоа се додаваат јајца за да добие убава боја и да добие на масленост.

Потребни состојки:

2 литри млеко 2,8 % масленост
6 јајца
400 мл кисела павлака
1 зелена лута пиперка
1-2 листови од млад кромид
2 лажички сол

Постапка:

Млекото се става во тенџере на оган. Во посебен сад се матат 6 цели јајца, 400 мл кисела павлака, па оваа смеса се додава во зовриеното млеко. Убаво се вари со постојано мешање додека сирењето да започне да се одвојува од сурутката (ова трае околу 5 минути).

Потоа тргнете го од оган и истурете го во цедалка со газа, на која ќе остане сирењето, а сурутката ќе се исцеди во садот под него. Додадете 1 зелена лута пиперка исечена на ситни тркалца, перца од млад кромид ситно исечкани и 2 лажички сол. Ова додадете го во сирењето, добро промешајте и заедно со газа ставете го во пластичен сад со дупнато дно, за да може да продолжи да се исцедува. Одозгора притиснете со тежок предмет.

Сирењето се остава вака да стои околу 2 часа за да излезе целата течност. Потоа се трга газата и се остава во фрижидер, уште повеќе да се стегне и добро да излади.

Фото и рецепт: Рада Врбљанац