Ова е големо откритие за бразилските научници. 36-годишниот Бразилец веројатно стана првиот пациент во светот кој целосно се излекувал од ХИВ после терапијата со силен експериментален “коктел” од антивирусни лекови.
Како што тврдат научниците од Универзитетот во Сао Паоло во текот на 66 седмици лекување, пациентот повеќе нема траги од инфекција во крвта – ниту самиот вирус, ниту негови антитела.
Меѓутоа, резултатите и натаму се сметаат за прелиминарни и сè уште се чека нивна потврда.
Досега е пријавено дека само двајца пациенти во светот успешно се излекувани од ХИВ, но дека за разлика од Бразилецот, двајцата биле изложени на трансплантација на коскена срцевина како дел од антиканцерогената терапија.
Едниот е Тимоти Браун, попознат како “берлинскиот пациент” кој без ХИВ живее веќе 10 години, а вториот е Адам Кастилехо, познат како “лондонски пациент”.
Меѓутоа, во случајот на анонимниот “бразилски пациент” лекувањето е постигнато само со помош на лекови, односно неинвазивна терапија.
Иако станува збор за уште еден изолиран случај, ова веројатно е првиот долгорочен излекуван човек од ХИВ на кој не му беше потребна транспалнтација на коскена срцевина – истакнуваат научниците на чело со д-р Рикардо Дијаз.
Универзитетот во Сан Франциско пак, истакнува дека е прерано да се говори дека бразилскиот пациент е навистина излекуван од ХИВ, но нагласува дека и други независни лаборатории ќе ги потврдат наодите од бразилските истражувачи.
Д-р Стив Дикс од САД вели дека не е до крај јасно дали излекувањето е всушност резултат на антивирусниот коктел од лекови, бидејќи претходните студии покажале дека еден од 20 пациенти кои ја започнале традиционалната терапија веднаш по дијагностицирањето, може да се сузбие вирусот до тој степен што тој станува невидлив во организмот, но сепак не е целосно истребен.
На бразилскиот пациент му дијагностицирале ХИВ во 2012 година, а после 2 месеци започнал да прима терапија. Меѓутоа, тој во 2016 година со уште неколку доброволци станал дел од клиничко испитување и го примил антивирусниот “коктел” од лекови. Лекувањето било сопрено во март 2019 година, а оттогаш анализите покажуваат дека ХИВ повеќе нема во неговиот организам.