Колкупати ви се случило да сакате да направите некој рецепт, но кога ќе започнете да ги читате состојките, меѓу нив ќе наидете “кондензирано млеко” и поради тоа се откажувате, зошто нема каде да го купите или е прескапо ако воопшто наидете на него.

Благодарение на овој едноставен и брз рецепт, повеќе не мора да се откажувате од слатките од кои устата ви се полни со вода од самата помисла на нив.

Инаку, кондензирано млеко се добива со испарување на водата од млекото така што треба да се вари долго време. Меутоа, постои засладено и незасладено кондензирано млеко, а во рецептите се користи засладено.

На крај треба да се добие густа леплива смеса, конзистенција слична како мед. За овој процес потребно е подолг период и многу мешање.

Но, за среќа имаме инстант верзија со која со сигурност ќе добиете одличен резултат, без ризик од промашување. За ова кондензирано млеко потребни ви се: блендер, путер, млеко во прав, шеќер во прав, зовриена вода и малку арома од ванила, по желба. Сè се микса, се складира во тегла и се чува во фрижидер до една седмица. Со стоење целосно ќе се стврдне, па пред употреба малку загрејте го и ќе биде како тукушто направено.

Потребни состојки за 400 г кондензирано млеко:

30 г путер
60 г шеќер во прав
200 г млеко во прав
120 мл зовриена вода
1 лажичка арома од ванила

Постапка:

Растопете го путерот и оставете го на страна. Во блендер ставете шеќер во прав, млеко во прав, а потоа и растопениот путер, зовриената вода и арома од ванила, па едноставно измиксајте 2-3 минути додека да добиете фина компактна смеса.

Веднаш складирајте го во тегла доколку не планирате веднаш да го користите, оставете малку да подизлади, а потоа ставете го во фрижидер до употреба.

Напомена: Ова кондензирано млеко воопшто не е преслатко, а по вкус доколку сакате може да ставите и повеќе шеќер. Но, вака е идеално.

Mysticcakes.com