Во четири очи и со директно договорање, Министерството за здравство обезбеди нови количини инсулин за дијабетичарите. Дрогеријата „Пановски“ за 40 илјади евра доби бизнис од државата да го набавува лекот за следните три месеци, информира АлсатМ.
Сепак ресорното министерство на официјалниот документ објавен на Бирото за јавни набавки ја правда одлуката зошто зделката била доделена со преговарање, а не преку тендер.
Се сомневаат во квалитетот на инсулинот од паралелен увоз на компанијата Зегин, кој е пратен на анализи. Поради итноста било одлучено да се пристапи кон договарање во четири очи, начин кој често е критикуван поради можноста за корупција.
„Врз основа на дописот од Агенцијата за лекови, Националната комисија за дијабетес мелитус доставено до Министерството за здравство се известува дека не смее да се појави дефицит на соодветниот инсулин кој го примаат пациентите и дека е во таков случај можно е да настанат витално загрозувачки компликации кај пациентите.“ – велат од Биро за јавни набавки
Договорот помеѓу „Пановски“ и Министерството за здрвство до Бирото за јавни набавки бил доставен завчера, а новиот министер за здравство Венко Филипче, вчера на прес конференција уверуваше дека инсулинска криза нема да има, веројатно знаејќи дека е веќе склучен договор.
Но, од здруженија на болни од оваа болест постојано апелираат дека недостаток на инсулин има. За Алсат М пред еден месец на оваа тема зборуваше Бојан Киров од Сојузот на здруженија на дијабетичари.
„Од време навреме знае да се појави недостаток на инсулин во одредени инсулнски аптеки, дали во Скопје, дали низ градовите низ Македонија, меѓутоа таа појава во изминатиот период особено 2013-та и 2014-та година, односно од 2014 до 2016 та беше многу почеста.“ – изјави Бојан Киров, Сојуз на здруженија на дијабетичари
Во март годинава, ВМРО – ДПМНЕ обвини дека дрогеријата „Пановски“ е блиска до сега владејачката СДСМ. Во минатото или пред речиси 14 години оваа компанија редовно добивала тендери кога здравството беше под водство на СДСМ.
Извор: Република